Жена во САД ги нападнала гостите со нож откако ѝ кажале дека ѝ е валкан домот
Жена од Небраска толку многу им се налутила на гостите поради нивните коментари за чистотата на куќата што ги нападнала со нож. Сведоци на целиот инцидент биле нејзините две деца, пишува Фокс њуз. Според полицискиот извештај, полицајците добиле пријава за нападот по полноќ во неделата.
Препорачано
Кога стигнале на местото на настанот, двајцата гости рекле дека 24-годишната Татјана Инигез ги нападнала откако искоментирале дека нејзината куќа е валкана. Жените, како што тврдат, посочиле на нередот, со оглед на тоа што во куќата живеат четири мали деца. Сопственичката на куќата имала две деца, но во куќата живеела друга жена со две малечки деца.
По тие коментари, Инигез нападнала една од гостите и се обидела да ја задави. Кога друга жена решила да интервенира и ги разделила, 24-годишната девојка грабнала нож, ја нападнала и ѝ се заканила дека ќе ја убие. Полицијата соопшти дека Инигез избодела една од жртвите под десното око за време на инцидентот.
Жртвата имала и исеченици на рацете кои ги добила додека се обидувала да се одбрани. Полицијата во пријавата напишала дека куќата е валкана и дека во подрумот има екстремно количество кучешки измет и многу мртви глувци. Инигез е уапсена и обвинета за напад. Таа треба да се појави на суд на 14 март.


