Жбогар му реплицираше на Милошоски: Борете се со идеи, а не напаѓајќи не нас

Ова е првпат откако ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта, делумно и бидејќи беше скарана со меѓународната заедница, да се врати на манирот на правење рејтинг преку критикување на надворешните фактори.

Борете се со идеи, а не со напаѓање амбасадори за сопствените проблеми, му порача евроамабасадорот Семјуел Жбогар на екс министерот и пратеник Антонијо Милошоски, откако овој го обвини за непринципиелност во Комисијата за европски прашања на Собранието, затоа што не реагирал што се користи европското знаменце за закони што не го бараат тоа.

– За време на кампањата лидерите имаат одговорност да се ангажираат во намалување на тензиите и на поларизацијата на политиката и на општеството. Место да водат лични војни, место да ги напаѓаат амбасадорите за сопствените проблеми и место да сејат сомнежи во искреноста на ЕУ, политичките партии треба да се борат со идеи и со проекти – му реплицираше Жбогар на Милошоски.

Обвинувањата од Милошоски предизвикаа реакција и кај други дипломати од ЕУ кои ги нарекоа „евтино собирање поени“, пред се бидејќи тој ги нарече „празни зборувања“ најавите од Брисел дека ќе расправаат за давање датум за преговори за Македонија. Според Жбогар, тоа треба да се случи пред самитот на ЕУ во Загреб.

Ова е првпат откако ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби власта, делумно и бидејќи беше скарана со најголем дел од меѓународната заедница, да се врати на овој манир на правење рејтинг преку критикување на надворешните фактори за тоа што ни се случува дома и преку создавање антиевропски расположенија.

И други пораки на Жбогар, дадени на затворена дебата, не беа по вкус на опозицијата, како таа да продолжи да се имплементира Преспанскиот договор и да помогне да се изгласа новиот закон за Јавното обвинителство, за кој во Собранието се води театар место јавна расправа. Досега пораките на ЕУ беа дека е пожелно законот да се изгласа за да нема аргументи да и се рече „не“ на Македонија за датумот од некои земји, но сега Жбогар го издигна тоа на ниво на барање до ВМРО-ДПМНЕ.

– Ние ја цениме неопходната улога што ја одигра опозицијата во прифаќањето на неколку реформски закони изминатите две години. Очекуваме да видиме иста демонстрација на посветеност за европската иднина и во однос на Законот за Јавното обвинителство, кој треба да се изгласа пред распуштањето на Парламентот – ѝ порача Жбогар на опозицијата.

Според него, последните неколку избори толку ги подигнале стандардите што ништо полошо од тоа нема да биде доволно добро кога ќе се оценуваат во Брисел. Изборите треба, според евроамбасадорот, да покажат единство и зрелост во земјата.

Амбасадорот Жбогар стапи на функцијата во Македонија откако политичката криза влезе во завршница по турбулентното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, така што тогашните напади од оваа партија главно беа насочени кон неговиот претходник Аиво Орав. Инаку, во извештаите на ЕУ за Македонија редовно стои забелешката да се избегнува што повеќе носењето закони по скратена процедура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот