Згодната водителка на „Гранд Магазин“ Ивана Ѓорѓевиќ: Сега сум како султанката Хурем, ми недостига студиото

Од мажите учев дисциплина на работа, од жените – неоткажување. А од сите успешни луѓе, а во шоу-бизнисот ги има навистина доста, никогаш да не се менува целта туку само начинот, вели Ивана.

Ѝ недостига нејзината работа, студиото во кое ја води емисијата „Гранд магазин“, и недостигаат колегите, редакцијата. Ѝ недостигаат нејзините шминкери, фризери, сите луѓе кои се дел од нејзиното секојдневие. Убавата водителка Ивана Ѓорѓевиќ нѝ раскажува како го поминува времето во изолација, што за неа значи убавината, а што зборот, и што значи да се биде успешен во водителските води.

„Не знам за вас, но јас вака го замислував крајот на светот. Или барем третата светска војна. По некое чудо, сега тоа се вика изолација“, пишуваш на својот блог. Пред „крајот на светот“ што би ставила на својата листа на желби?

– Не го признавам јас овој крај на светот, само така ми изгледа. Во животот имам обичај тоа што не ми се допаѓа да го анулирам и се правам дека не постои. Кај короната морам да го уважувам постоењето и да бидам дисциплинирана, но не дозволувам да ми се поремети квалитетот на живот. Мојата листа на животни желби е долга, и секоја година се збогатува со нови содржини. Моментно ја преведувам својата книга „Нека много битна“ на англиски, зашто во Америка има голем интерес за мојот книжевен првенец, а преводот ќе ги приближи моите мисли и редови до сите луѓе на овој свет. Па така, што се однесува до листата на желби, подолга е. Сакам да ја испробам убавината на живеење на други континенти. Да ги усовршам јазиците, повеќе да се бавам со спорт. Да имам повеќе време за својот блог Ivanineprice.com и да имам повеќе време да бидам романтична.

Како ти минува денот во изолација? Читаш, пишуваш, танцуваш, се негуваш?

– Пишувам повеќе отколку што читам, зашто ја привршувам втората книга. Се разбира, се негувам, и повеќе од вообичаено, пред сè со природна козметика, маски и купки, но рака на срце има доста и фабрички производи. Повеќе време имам за маски за лице, за одмор, можеби за работите во кои сум заборавила да уживам додека ги правам. Повеќе време имам за ќерка ми Милица, повеќе за прегратки и насмевки. И можам да ви кажам дека тешко беше само првите пет дена, а сега сите свои обврски ги префрлив „онлајн“. И одлично функционирам.

Што сега најмногу ти недостига?

-Луѓето и слободата, да го распоредувам своето време како што сум навикната. Сите научивме да бидеме господари на своето време, на своите навики, но сега сум како султанката Хурем. Излегувам само на балкон! (се смее, н.з). Ми недостига мојата работа, моето студио во кое ја водам емисијата „Гранд магазин“, моите колеги, мојата редакција. Ми недостигаат моите шминкери, фризери, сите тие луѓе кои се дел од моето секојдневие. Никогаш не сум криела дека ја сакам својата работа и за мене ова е некој вид на принуден одмор во кој инаку, работам, онлајн.

Дали и како те промени изолацијата? Што научи од оваа нова состојба?

-Ме научи да ја сменам перспективата и да се препуштам на инерцијата. Не се може побрзо од животот, од вашата лична реалност. Ме научи дека енергијата не познава територии, дека можам да ги почувствувам луѓето кои ми се драги на другиот крај на светот. Една од најдобрите пријателки ми остана во Перу кога сè ова почна, и дадов сè од себе да бидеме во контакт и да помогнам колку можам оттука за што побрзо да се врати дома. Друга пријателка ми е во Бостон, кадешто живее и работи. Почнав да чувствувам посилини конекции со луѓето за кои ми е грижа, а со кои не сум во секојдневен контакт. И тоа ме изненади зашто сфатив колку е силна таа моќ на нашата психа во однос на сè она што го знаеме. Изолацијата кај мене ја разбуди креативноста, почнав да ги преведувам текстовите од својот сајт на англиски. Повеќе се бавам со својот Инстаграм профил, повеќе снимам за Јутјуб и убаво тоа оди.

Мислиш дека ништо нема да биде исто кога сè ова, сепак, ќе помине?

– Мислам дека ние веќе нема да бидеме исти. Ќе станеме пофлексибилни, можеби и поблагодарни. Полесно ќе пристапуваме кон некои работи во животот, зашто мислам дека нема да имаме можност да бидеме размазени како досега и да чекаме вселенските прилики да ни се укажат за нешто да направиме од својот живот. Мислам дека ќе станеме свесни дека биолошките закони се сепак најсилни закони. Значи, ако еден вирус ја сопре цела планета, мислам дека ќе станеме свесни дека законите кои човекот ги донесува не се толку силни. Инаку, секој голем потрес во светот неминовно носи и светска криза. Ќе мораме да се адаптираме како знаеме и умееме. И секако, да го преживееме сè ова на тој начин што ќе останеме чисти во умот.

А кога ќе помине, кога би сакала прво да видиш и што да направиш?

– Штом авионите почнат повторно да летаат, се пакувам и одам на едно убаво место покрај море. А пред сè тоа ме чекаат многу обврски на работа, на телевизија и искрено едвај чекам да застанам пред камерите повторно. Некако, тоа е моето природно опкружување, ме радува дружењето со гледачите и интеракцијата, чувството кое го имам после емисијата.

„Убавината ќе не спаси“. Што за тебе значи убавина?

– Надворешната убавина е пожелна, но не е доволна. Убавината го негира конфликтот, зашто топи и растопува сè околу себе. И затоа е пожелна. Но за мене, убавината претставува само една убава визит-карта. Има многу визит-карти и многу луѓе, но ако не ја следи адекватна потпора во вид на реална професија, сè е напразно. Ако среќата е да се биде само убав, не би биле толку многу убави жени сами и од тоа би можело да се живее. Убавината е како инспирација, на која мора да се работи.

Што полесно ги отвора железните врати убавината или зборот?

– Зборот.Убавината е миг. Зборот одекнува и останува подолго во етерот. Од тоа колку сте паметни зависи до каде ќе истуркате. Убавината само ги отвора вратите, паметта ве води низ животот. За многу работи кои ги издејствував во животот, можам да ѝ заблагодарам на својата памет.

Да се биде успешен во твојата професија значи да се има што?

– Пред сè здрава памет и да се биде стабилен во однос на своите цели, искушенија, предизвици. Сите ние знаеме и да зборуваме и да бидеме интересни, но сите немаме исто душа. По тоа се разликува и нашиот успех во работата. Публиката која нè гледа на телевизија, или ги чита нашите интервјуа, или гледа како зборуваме на Јутјуб веднаш сфаќа дали сме фолиранти или не. Оттука оваа работа никој не може да ви ја среди, заврши или овозможи. Можете да бидете протежирани, но не можете да бидете сакани од страна на публиката. Тоа е целата филозофија. Успешен во мојата работа значи, пред сè, да се биде одобрен и уважен од страна на оние на кои се обраќате, а тоа се луѓето кои ја гледаат вашата емисија. Успешен писател, во случајот на мојата книга „Нека много битна“, значи луѓето да ве сретнат на улица или на книжевна вечер и да ви кажат “вашата книга ми го смени животот“. Да се биде успешен во мојата работа значи дека сте сфатиле дека сè што работите има смисла. Како што хирургот има мисија да спасува човечки животи, како што пилотот има мисија да одговара за човечките животи, така и ние телевизиските работници имаме мисија да бидеме забавни и да им се допадне на луѓето тоа што го работиме.

Какви жени те иснпирираат?

– Успешни и смирени. Префинети, и од оние кои можат нешто да научам. Џоан Колинс, да кажеме, е жена која има девет животи. Во преносна смисла, ништо не може да ја поколеба. Ни децата ни поранешните мажи ни често стресната работа на глумица. Одржа лекција како треба да се живее, да се сака без разлика на сè што животот ни сервира и можам да ви кажам, многу жени можат да научат дека не треба да имаат пардон во однос на освојување на својата среќа.

Кој повеќе ти помогнал во животот за да стигне тука каде што си, жените или мажите?

– Од мажите учев дисциплина на работа, од жените – неоткажување. А од сите успешни луѓе, а во шоу-бизнисот ги има навистина доста, никогаш да не се менува целта туку само начинот и дека за вашата успешност ќе суди некогаш мигот, а некогаш времето. Шоу бизнисот е сурова работа кој нема боледување, нема одложување, а вие во сè тоа некогаш и не сте свесни колкава трага сте оставиле. Затоа потребно е често да се патува и да се менува перспективата, за да станете свесни за сите агли од кои ја гледате својата мината работа.

Кога последен пат беше во Македонија и како си помина? Што најмногу ти се допаѓа тука, а што баш и не ти се допаѓа?

– Скопје многу ми се допадна и целиот стар град ме маѓепса. Скултурите на Скопје му дале нов живот, а дојдов кога беше финалето на „Ѕвездите на Гранд“. Кањонот Матка ме воодушеви и секако, македонските специјалитети.  Не го гледам она што не ми се допаѓа, јас секогаш гледам само убави работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот