Земјоделците ќе имаат рок до две години да се приспособат на условите за субвенции?
Под притисок на големиот револт, министерот Трипуновски најави одложување на новите услови. Ѓорги Каракашев од Националната земјоделска мрежа вели дека сè додека во „Службен весник“ не се објават измени и дополнувања на Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2026 година, изјавите на министерот за земјоделство ќе ги сметаат за манипулација.
Новата Програма за финансиска поддршка на земјоделците за 2026 година, која предвидува порестриктивни услови за субвенционирање, подигајќи ги долните граници за површината на земјиштето, за големината на стадото и на пчелните семејства, како услов да се добие субвенција, предизвика бурни реакции од земјоделците. Тие одржуваа состаноци, преговараа со ресорниот министер, објавуваа остри критики преку социјалните мрежи. Ако се цени според интервјуто што го даде министерот за земјоделство Цветан Трипуновски во „Наткаст со Љупчо Цветановски“, тој попуштил пред револтот на земјоделците. Тој изјави дека во однос на праговите за субвенционирање ќе има период на приспособување од една или две години, во зависност од секторот.
Препорачано
– На пример, доколку некој лозар има 0,2 хектари лозов насад и досега користел субвенции, иако новата Програма предвидува минимум 0,5 хектари, во 2026 и 2027 година ќе продолжи да ги добива истите субвенции. Сепак, од 2028 година ќе може да оствари право само доколку го достигне прагот од 0,5 хектари. Овој период од две години ќе биде транзиција за да не биде рез. Тоа сме го комуницирале со земјоделците за да ги подготвиме и да ги поткреваме праговите. Можеби некој лозар, сточар и така натаму, ќе одлучи да остане на праговите затоа што сака да произведува за сопствените потреби, не сака да учествува на пазарот. Но, сите оние што се наоѓаат под праговите, ќе имаат година или две, во зависност од секторот, да се приспособат на новите прагови – изјави Трипуновски.
Ѓорги Каракашев од Националната земјоделска мрежа во изјава за „Слободен печат“ вели дека сè додека во „Службен весник“ не се објават измени и дополнувања на Програмата за финансиска поддршка на земјоделците за 2026 година, изјавите на министерот ќе ги сметаат за манипулација.
– Измените на програмата мора да поминат во Владата. Мора да се донесе одлука, потоа тоа мора да се објави во „Службен весник“. Ние не видовме таква одлука од Владата – нагласува Каракашев.
Тој посочува дека забелешките на земјоделците се однесуваат на два основни услови во новата програма. Еден е подигнувањето на прагот за да се добие субвенција, а друго е новиот услов: 30 отсто од произведеното да се даде во откупен центар.
– Каков е тој услов 30 отсто од производството да им го дадеме на откупувачи? Можно ли е да има мраз, уништено производство? Како тогаш ќе го предадеме? Што е со нашата мака? Со задолжителниот откуп од 30 отсто ќе бидеме и уценувани од откупувачите. Објавена е производната цена на житото. Таа е 13 денари. Ако откупувачите даваат 9 денари, што да правиме, да одиме под производната цена? – прашува Каракашев.
Тој вели дека преодниот период од две години не е доволен, дури и да сакаат да ги зголемат површините.
– За подигање на нов насад во овоштарството и лозарството се потребни четири-пет години – забележува Каракашев.
Програмата што веќе е објавена во „Службен весник“ е со новите прагови и со условот за откупот. Таа изнесува 6.061.345.000 денари, или 98,5 милиони евра. Според министерот, има околу 65.000 корисници на субвенции. На неодамнешниот брифинг со новинарите, на прашањето колку земјоделци нема да добијат финансиска поддршка со подигнувањето на праговите, тој рече дека не очекува големи промени.
– Со подигнување на прагот за користење субвенции, очекуваме мало намалување на корисниците, но поголемо намалување очекуваме со засилените контроли – изјави Трипуновски.
Министерот рече дека новините во субвенционирањето се за да се насочуваат земјоделците да влезат во некоја посериозна фаза на производство, и покрај задоволувањето на домашните потреби, да имаме што поголем девизен прилив од земјоделските производи.
Тој потенцираше и дека има многу злоупотреби и дека ќе се борат со засилени контроли на терен, за што минатата година бил потпишан меморандум – инспекторите од Државниот земјоделски инспекторат да ѝ бидат ставени на располагање на Платежната агенција.


