Земјите без вештачка интелигенција ќе заостануваат економски, вели Џорџ Озборн од ОпенАИ
Поранешниот канцелар Џорџ Озборн изјави дека земјите кои нема да ги прифатат моќните системи за вештачка интелигенција какви што развива неговиот нов работодавач, ОпенАИ, ризикуваат да заостанат економски и технолошки, соочувајќи се со послаба економија и одлив на таленти, пренесува Гардијан.
Препорачано
Озборн, кој веќе два месеци работи во ОпенАИ како раководител на програмата „за државите“, говореше на меѓународниот Самит за влијанието на вештачката интелигенција (ВИ), каде им порача на владините лидери да не заостануваат.
„Земјите што нема да воведат ВИ ризикуваат нивната работна сила да бара подобри можности во технолошки понапредни економии“, рече тој.
Тој ја опиша глобалната трка за ВИ како избор меѓу усвојување на системи за вештачка интелигенција развиени или во САД или во Кина, двете сили кои моментално предничат во развојот на најмоќните модели. Сепак, нагласи дека многу држави истовремено сакаат да ја зачуваат својата дигитална сувереност, додека зависат од технологии развиени надвор од нивните граници.
„Многу земји кои не се САД и кои не се Кина, во суштина се соочуваат со две донекаде спротивставени чувства во исто време. Првото е дали се пропушта оваа огромна технолошка револуција? Како да се биде дел од неа? Како да се осигураме дека нашите компании ќе ги почувствуваат придобивките од неа? Како да се осигураме дека нашите општества ќе ги почувствуваат придобивките?“, праша тој.
Во исто време, додаде тој, овие земји сакаат да го заштитат својот национален суверенитет, додека се потпираат на моќни ВИ-системи контролирани во САД и Кина.
„Постои и друг вид суверенитет, а тоа е: не останувајте зад другите, затоа што тогаш ќе бидете послаба нација, посиромашна нација, нација чија работна сила ќе биде помалку подготвена да остане“, посочи Озборн.
Неговите коментари доаѓаат во момент кога високиот советник за ВИ на Белата куќа, Шрирам Кришнан ја нагласи желбата на администрацијата на Трамп за доминација во областа на ВИ, изјавувајќи дека „сакаме да се осигураме дека светот го користи нашиот ВИ-модел“.
Тој, исто така, повторно ја критикуваше Европската унија во врска со нејзините обиди за регулирање на ВИ, велејќи дека ќе продолжи да „негодува“ против нив.
„Законот за ВИ на ЕУ не е погоден за претприемач кој сака да изгради иновативна технологија“, посочи тој.
Сепак, некои технолошки лидери не се согласуваат дека светот мора да избира меѓу САД и Кина. Марк Сурман од „Мозила“ изјави дека е „погрешна претпоставка“ оти другите држави не можат да развиваат сопствени напредни решенија.
Претставници од Африка исто така нагласија дека работат на домашни ВИ технологии. Кевин Дегила од дигиталната агенција на Бенин рече дека неговата земја развива системи што комбинираат американски, кинески и локални податоци, додавајќи дека „големите компании не стигнуваат до земјоделците“.
Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, го откажа воведниот говор што требаше да го одржи на самитот, неколку часа пред неговото закажано појавување. Шефот на фондацијата за Индија и Африка ќе зборува наместо Гејтс. „Мајкрософт“ објави дека ќе инвестира 50 милијарди долари за да го поттикне усвојувањето на вештачката интелигенција на глобалниот Југ.


