epa08562752 Tourists and day-trippers on the Nieuwendijk in Amsterdam, The Netherlands, 23 July 2020. The municipality of Amsterdam is taking extra measures against the crowds and hopes to prevent the further spread of the coronavirus. EPA-EFE/KOEN VAN WEEL

ЗЕМЈА БЕЗ МАСКИ: Додека во остатокот од Европа тие се задолжителни, тука ги сметаат дури и за штетни

Малку луѓе имаат медицински маски, а носителите често погрешно ги ставаат или контаминираат со неправилно местење, забораваат да ги сменат или го допираат лицето.

Иако 120 држави во светот – вклучувајќи ги и повеќето во Европа – им наложија на своите граѓани да носат маски на јавни места поради коронавирусот, Холанѓаните имаат други погледи кон здравствената криза.

Како што пишува новинарот на „Дејли мејл“ кој го посети Амстердам, ситуацијата во градот делувала како враќање во минатотот, пред избивањето на пандемијата, со луѓе кои седат во кафулиња и ресторани без маски, опуштено шетајќи и разгледувајќи продавници.

Имено, откако ги разгледале податоците и студиите, главните научници во Холандија објавија дека нема цврст доказ кој би го поддржал носењето маски. Исто така, тие дури укажуваат дека нивното носење може во суштина да наштети во борбата со пандемијата.

– Носењето маски на јавни места не е неопходно, врз основа на сите моментални докази… Нема корист од тоа, но можеби има негативни последици, рече Коен Берендс, портпарол на Националниот институт за јавно здравје и околина.

Амстердам, Холандија /Фото: EPA-EFE/OLAF KRAAK

Ова е смел, но многу контроверзен став, посебно во време кога расте загриженоста поради „вториот бран“ пандемија во Европа. Минатата недела и Велика Британија му нареди на своето население да носи маски во продавниците и другите јавни места, откако Шкотска, Шпанија и Франција, како и холандските соседи Белгија и Германија го воведоа тоа.

– Ние мислиме дека треба да се носат маски, рече британскиот премиер Борис Џонсон.

Но, Холанѓаните не се сложуваат со тоа.

– Мразам да ги носам. Ужасни се. Луѓето изгледаат како да носат пелени на лица, вели Ајча Мезијати од Амстердам.

Маргријет (24) вели дека тешко се читаат изразите на лицето кога луѓето носат маски.

– Остварувате подобар контакт без нив и полесно се разговара, истакнува таа.

Позицијата на Холандија меѓутоа не е заснована на мислењето на населението, туку на проценката на Тимот за управување со епидемијата, група експерти кои ја советуваат владата. Првата „пресуда“ против носењето маски беше донесена во мај и од тогаш во неколку наврати повторно е разгледувана, а последен пат тоа беше минатата недела.

Тие сметаат дека тоа ја попречува јасната тространа порака за миење на раце, одржување на физичка дистанца од метар и пол и останување дома доколку лицето има симптоми на ковид-19.

Единствен исклучок надвор од сите медицински установи е јавниот транспорт, каде маските се задолжителни поради неможноста да се одржи дистанца во преполните автобуси, траекти и возови.

Маски се носат во јавниот превоз во Холандија поради неможноста да се одржува физичка дистанца/ Фото: EPA-EFE/Sem van der Wal

-Видовме дека овој пристап функционира… На маските не треба да гледаме како на магично средство кое го запира ширењето на пандемијата – вели Кристијан Хебе, професор по инфективни болести во Мастрихт и член на советодавниот тим.

-Доказите за нивното носење се контрадикторни. Генерално ние мислиме дека мора да бидеме внимателни со маските зошто може да ни дадат лажно чувство на сигурност. Луѓето мислам дека тогаш се имуни на болеста или го забораваат социјалното дистанцирање. Тоа е многу негативно.

Хебе, шефот за контрола на инфективни болести во Јужен Лимбург, регион кој е натешко погоден од пандемијата, укажува на норвешката студија која покажа дека 200.000 луѓе мора да носат хируршки маски недела дена за да се спречи еден единствен случај на ковид-19.

Сепак, малку луѓе имаат медицински маски, а носителите често погрешно ги ставаат или контаминираат со неправилно местење, забораваат да ги сменат или го допираат лицето.

– Бев неодамна во Белгија и видов дека многу луѓе таму ја држат под носот, наопаку или под брадата. Други ги пикаат во џебови. Нивната ефективност исто така зависи од изборот на ткаенина и носењето околу носот, вели Хебе.

Студијата на еден експерт од Универзитетот Ајндховен откри дека иако медицинските маски фаќаат честички на коронавирус благодарение на електросатичниот слој, тие можат да навлезат во поголемите пори на памукот и дури во кесите на правосмукалката.

Носењето маски е личен избор во Холандија/ Фото: EPA-EFE/OLAF KRAAK

Дури и СЗО е скептична и предупреди дека „широкораспространетото носење маски кај здрави лица во заедницата не е поддржано со квалитетен и директен научен доказ“. Иако го промени својот совет во јуни за да поддржи носење маски во некои околности, СЗО наведе 11 „потенцијално штетни последици“, кои се движат од нелагодност до самозараза и помало почитување на поважните превентивни мерки.

И во Холандија, како и во другите европски земји, неодамна дојде до алармантен пораст на бројот на инфекции, кои наскоро се дуплираа на 1.329 случаи во текот на изминатите две недели, во комбинација со маргинално повисоките стапки на хоспитализации и смртност.

Советничкиот тим на владата вели дека на таа одлука ги принудил порастот на случаи кои се заразиле на семејните собири и забави, каде не би носеле маски без огледа на тоа какви правила и да има за јавните простори.

Насоки за туристите во центарот на Амстердам/ Фото: EPA-EFE/OLAF KRAAK

Во Холандија, со 17 милиони жители, забележани се 6.147 смртни случаи од коронавирус по усвојувањето на таканаречениот „интелигентен карантин“, со кој им е наметнато значењето на помалите рестрикции во однос, на Велика Британија и повеќе се потпира на довербата во граѓаните дека ќе се однесуваат разумно.

Иако двете неодамнешни анкети покажаа дека повеќето холандски граѓани го поддржуваат носењето маски на јавни места, тие го одобруваат ставот на нивната влада, посочува „Дејли мејл“.

– Ми се допаѓа кога луѓето можат сами да одлучуваат. Луѓето навистина треба да се научат како правилно да ги користат заради безбедност – вели Хесус Гарсија од Амстердам, додавајќи дека тој носел маска за време на патувањето во Шпанија. – Не видов дека тие ништо помагаат затоа што луѓето ги носат погрешно, ги пикаат по џебовите, ги ставаат под носот…

– Носењето маски е страшно за мене. Тие создаваат клаустрофобија и тие не функционираат – вели Марк Кејси.

Амстердам, Холандија/Фото: EPA-EFE/KOEN VAN WEEL

– Се плашам дека ќе стане неопходно. Мора да се бориме против вирусот, но најдобро е да бидеме паметни и да им дадеме одговорност на луѓето – вели Корием Ворменховен.

Градоначалниците на Амстердам и Ротердам, двата најголеми градови во земјата, вложија напори да наметнат носење маски во области каде има многу луѓе, што беше одобрено минатата недела.

Шефот на Амстердам, Фемке Халсем, вознемирен од напливот туристи и толпата млади луѓе на улиците, инсистира на тоа дека маските се задолжителни за сите оние на возраст над 13 години, на две популарни трговски улици како и во Улицата Црвените фенери.

Холандскиот комитет за туризам и конвенции порача истражување за да открие дали ослободувањето од маски ѝ дава предност на нивната земја во борбата за привлекување туристи. Бен Коатс, холандски автор, вели дека брзината со која се вратил нормалниот живот во неговата земја е зачудувачка.

– Додека шетате наоколу тешко е да се види некоја разлика – вели тој и додава: Луѓето не сакаат да им се зборува што да прават, па затоа возат велосипеди без кациги и спијат со кого сакаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот