„Зелена обврзница“ од 5,4 милиони евра за капитални проекти: Влегуваат ли аеродромци во десетгодишно „должничко ропство“?

Фото: Општина Аеродром

Советот на Општина Аеродром на вчерашната седница донесе одлука за издавање „Зелена обврзница“ во чии рамки ќе бидат финансирани капитални инвестиции, зелени и енергетски ефикасни објекти кои ќе треба да го подобрат и унапредат живеењето во Аеродром. Зелената обврзница, како што соопштуваат од Аеродром, преставува инвестиција во нови проекти во делот на урбанизмот и воспитно-образовниот процес.

Станува збор за задолжување, односно кредит од 330 милиони денари, односно околу 5,4 милиони евра, кое беше поддржано од 15 советници, а 12 гласаа против, советниците СДСМ и од Левица. Од Левица денеска излегоа со соопштение во кое нагласуваат дека овој кредит се зема во услови кога каматните стапки се највисоки во последните 20 години во Македонија и ќе ја втурне општината во должничко ропство со што ќе треба да плаќа камати од скоро 1 милион евра годишно во наредните 10 години и да врати близу 10 милиони евра за земените 5.4 милиони.

Нашите советници принципиелно гласаа против ова задолжување кое беше изгласано од мнозинството на вчерашната седница. Доколку општината има можности да плаќа еден милион евра рата годишно десет години за оваа обврзница, тогаш општината може за пет години истите пет милиони евра да ги проектира за капитални инвестиции, наместо да плаќа камати кај лихвобанкарите. Градоначалникот Тимчо Муцунски поради лошото водење на општината кое сѐ повеќе станува очигледно, во паника се одлучи да земе преголем залак од кој сите ние жители на Аеродром во наредните 10 години ќе се давиме. Општината планира годинава да ги потроши парите од кредитот за да започне градба на повеќе капитални проекти кои во идеални услови се градат за 3-4 години и за продолжување на градење на истите проекти неминовно ќе бидат потребни нови и нови задолжувања во следните буџети – велат од Левица.

Оттаму предупредуваат дека на крајот на мандатот на Муцунски општината ќе заврши со блокирана сметка од огромни долгови, недовршени капитални објекти и неможност за нивно финансирање, кои ќе скапуваат од „забот на времето“.

Советникот Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Аеродром смета дека наместо развој и решавање на проблемите, аеродромци добиваат нов проблем – долг од 5,4 милиони евра кој ќе го враќаат во следните 10 години.

 Од одлуката се гледа дека од овие средства планирани се 2,5 градинки, а не 4 како што ветуваше пред изборите. Планирани се 2 доградби/надградби и 0 нови училишта. Ниту еден проблем не се решава трајно. Ниту недостатокот на градинки, ниту недостатокот на училишта, ниту недостатокот на паркинзи и улици. Дополнително овие средства ќе бидат искористени за покривање на неспособноста на „најдобрата менаџерка во Европа“ Данела Арсовска во делот на изградба на водоводна и канализациона мрежа – напиша Ристески на Фејсбук.

Од Општина Аеродром пак објаснуваат дека инвестициите во образованието, значат вложувања во објекти кои ќе го подигнат квалитетот на образовниот процес и да обезбедат подобри услови за реализација на наставата, па така во текот на 2023 година планирана е доградба, односно надградба на две училишта, на ООУ „Блаже Конески“ во населбата Мичурин и ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче.

Проблемот со недостаток на места во сместување во детските градинки го решаваме со изградба на две детски градинки. Првата градинка ќе биде во близина на кулите „Џевахир“, а вториот проект предвидува доградба на детската градинка „Пчелка“ . Оваа година инвестираме во нова улична и патна инфраструктура, нови плоштади, урбана опрема, како и атмосферска и фекална канализација. Аеродром зад ТЦ „Капитол“ ќе добие нов плоштад со хортикултурно и партерно уредување, на повеќе локации низ општината ќе бидат изведени нови сервисни и станбени улици, како и стотина паркинг места во населбата Мичурин – тврдат од Аеродром.

Оттаму додаваат дека во рамките на овие проекти е предвидено поставување ново улично осветлување, систем за водоснабдување, како и инвестиции во изградба на атмосферска и фекална канализација онаму каде што е потребно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот