Здружение ќе ги лови и стерилизира уличните мачки низ Карпош, Општината ќе плати
Општина Карпош објави јавен повик на кој во рок од седум дена треба да се пријават заинтересирани здруженија за животни, а едно од нив, кое ги исполнува условите од огласот ќе биде ангажирано за стерилизација и кастрација на улични мачки.
Препорачано
Главната цел на активноста е ублажување на проблемот со големиот број бездомни мачки низ општината, односно нивна контрола и здравствена заштита. Благосостојбата на бездомните животни е загрозена поради повеќе проблеми, како што се неухранетоста, болестите, повредите од сообраќајните несреќи и преку борба, а исто така животните се жртви на нехумани методи на убивање, како што е труењето со отров, електричен шок и давење и сурови методи на фаќање, се наведува во јавниот оглас.
По безбедното фаќање и транспортирање на бездомните мачки, доколку мачката е премногу стара, агресивна или беспомошна, ќе се успие, додека останатите ќе се кастрираат, маркираат, ќе се прочистат и вакцинираат и ќе бидат повторно пуштени на улица.
Од Карпош очекуваат со третманот да бидат опфатени околу 250 мачки, со што значително би се намалил нивниот број во рок од 5-6 години.
Оваа активност ќе се финансира од општинскиот буџет за што се предвидени 500 илјади денари.


