Зборник на народна еротика: „(И)стории од долапот“ од д-р Ана Мартиноска

Книгоиздателството „Ми-Ан“ го објави зборникот „(И)стории од долапот: избор од македонската народна еротика“, нова книга од д-р Ана Мартиноска, која повторно се навраќа на темата за еротиката во македонскиот фолклор по „Голиот на гости (Антологија на македонскиот еротски фолклор)“ (Скопје, 2007) и неколку научни текстови на истата тема.

Книгата „(И)стории од долапот“ содржи македонски народни приказни, песни, гатанки, пословици, детски фолклор итн., како и опсежен поговор насловен „Ars Erotica на македонски начин“, во кој авторката говори за еротиката во фолклорот, за цензурата при собирање, објавување и истражување на овие творби, за претходните истражувања, за мотивите, за родовата анализа, за патријархатот и отстапките од него итн.

– При составувањето на оваа антологија, при изборот на материјалите се водев од неколку принципи, и тоа од историскиот, што го прикажува постоењето на еротскиот фолклор од дамнешни времиња кога не секогаш бил дел од официјалната народна култура, па сѐ до некои посовремени форми, а уште повеќе од жанровиот принцип што го докажува присуство на еротски форми во сите жанрови на македонското народно творештво, почнувајќи од приказните и анегдотите, преку поезијата, па сѐ до некои од кусите фолклорни жанрови.

Во секоја жанровска категорија умотворбите се подредени по азбучен ред. Тие се преземени од повеќе извори и собирачи, од различни временски позиции и од повеќе краеви во Македонија, од Прилеп, Охрид и Кочани, па сѐ до Струмица и Злетово. Притоа народните песни и останатите кратки умотворби во антологијата се преземени од објавените збирки на Миладиновци, Шапкарев, Наневски, Икономов, Величковски, Каваев, Котев и други, а дел беа собрани од страна на Боне Величковски од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.

Освен за жанровите и изворите, внимавав да бидат застапени и еротските умотворби од сите видови, значи и оние во кои улогата на еротиката е посуптилна и алузивна и оние во кои еротиката е сосема експлицитна и наместа вулгарна, како и творби што сведочат за различните функции на еротиката – од обредна, социјална, едукативна, па до хумористична, гротескна или едноставно забавна функција. Неодминливо беше да се обрне внимание и на естетскиот квалитет на творбите, на нивната мотивска и јазична разновидност, како и на нивната способност за комуникација со денешниот читател – открива авторката Мартиноска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот