Збеснавте, граѓански поданици!

Жарко Настоски, новинар и уредник на веб-страницата на „Слободен печат“ / фото: Драган Митрески / СП

Да им се побуниме одлучно, сите ние што и покрај постојано газеното достоинство, сѐ уште плаќаме даноци, си ја гледаме својата работа, живееме во Македонија и се надеваме дека ќе доживееме таа да стане вистинска држава.

Директорот на скопската топлана „Скопје Север“, Куштрим Рамадани, во саботата грубо и со пцости ѝ се нафрли на новинарката на порталот „МКД“, Катерина Додевска, која известуваше за тема од интерес на јавноста – дали оваа топлана смеела да работи на мазут, и дали тоа го направила прескокнувајќи ги прописите и процедурите за користењето на овој енергенс-загадувач.

Рамадани е искусен, долгогодишен учесник во регулирањето, но и во создавањето и водењето на важни делови од македонскиот енергетски систем. Од 2006 година бил во Министерството за економија, во 2012 година го поставиле за потпретседател на Регулаторната комисија за енергетика, а во 2020-тата, наспроти алармот од ДКСК дека тоа ќе биде класичен судир на интереси, како кадар на ДУИ е назначен за директор на МЕПСО – една од најмоќните функции во државата. Откако со години носел одлуки поврзани со МЕПСО од позиција на независен регулатор на пазарот, тој наеднаш се најде на функција од која треба да ги брани интересите на еден од играчите на тој пазар. Тоа е отприлика како директорот на Агенцијата за електронски комуникации од утре да стане менаџер во „Телеком“ или „А1“. Антикорупционерите „лаеја“, владиниот караван „ладно“ ги изигнорира и си продолжи да врви – Рамадани дојде на влијателната функција.

Го сменија по нешто повеќе од една година на чело на државната компанија за пренос на струја, откако неговата фотелја ѝ припадна на Алтернатива, кога партијата влезе во владата. Набргу потоа, го поставија за директор на мини-топланата „Скопје Север“, која грее неколку стотици станови. Тогаш Рамадани изјави дека „три месеци бил без работа“ и дека „му се јавиле пријатели“ и му ја понудиле директорската позиција, „за да не биде на улица“. Повеќето од нас никогаш нема да го знаат тоа чувство – кога по најмалку 15 години на разни функции, одеднаш морате да барате работа како сите други смртници. Среќа што ги имал вистинските пријатели.

Откако седна во утешната фотелја, Рамадани јавно го прозва Артан Груби дека, и покрај тоа што во Владата половина од министрите се Албанци, а некои од нив живеат во Чаир, државни пари се давале само на другите скопски топлани. Токму на тие 500 семејства од Чаир, Бутел и Топанско Поле, кои живеат крај топланата и на кои најмногу им мириса чадот од мазутот, Рамадани беше и најмногу должен јасно и искрено да им го објасни она што во нивно и во наше име го откри новинарката Додевска – зошто, спротивно на прописите и процедурите, ја вклучил топланата да работи на мазут, a претходно тврдеше дека имал обезбедено гас до крајот на годинава?

Но, наместо ова, директорот, покажувајќи слабо воспитување и надменост, но најмногу од сѐ немоќ пред фактите, ја „почести“ новинарката со бараж од пцости. Знаеме дека е енергетска криза и дека директорската работа е стресна, ама ништо не може да оправда таков бран од простотилак. Веројатно и на Рамадани не му е лесно – како да беше вчера кога водеше мегакомпанија што врти 90 милиони евра годишно, а сега е „заглавен“ во малечката топлана на далечната енергетска „периферија“, која постојано работи со загуби. Пред некоја година Куштрим беше меѓу најважните функционери на ДУИ, а сега мора да моли за државна помош и се мачи да обезбеди греење за 500 семејства. Но, ароганцијата со која нѐ згрози и нѐ зашемети нема да му ја врати загубената релевантност.

Јасно е дека, пцуејќи ја колешката Додевска, Рамадани всушност нѐ опцу и нѐ понижи сите нас: граѓаните од чиишто пари 15 години зема плата, жителите на Скопје што секоја зима се гушат во загадување, државата што му овозможила со децении да биде некому и за нешто главен… Заплашувајќи ја новинарката, тој на сите нас ни порачува да молчиме пред силата на партиско-државниот Левијатан. Затоа директорот Куштрим мора прво да се извини, а веднаш потоа да поднесе оставка – за и на другите, се чини сѐ побројни такви шефови заседнати по државните канцеларии, осилени и збеснати, да не им текнува да го плукаат и пцујат граѓанинот чиишто поданици мораат да бидат.

Ќе извлечеме ли нешто добро од ваквите изблици на функционерска агресивност и надменост? Се разбира – како прво, тие се доказ дека во земјава постои и живее новинарството што ги поставува вистинските прашања – оние што им предизвикуваат нелагодност на сите наши Куштрими. Јавноста, граѓаните, мораат да им помогнат на новинарите во нивното „скротување“. Луѓето да почнат почесто да го креваат гласот, да сфатат дека новинарите се последните бранители и застапувачи на јавниот, граѓанскиот и народниот интерес – на оние граѓани што со години, веќе и со децении, чмаат како брутално угнетено малцинство – чесните, работниците, сите што немаат „пријатели“ да им чуваат директорски места.

Да им се побуниме одлучно, сите ние што и покрај постојано газеното достоинство, сѐ уште плаќаме даноци, си ја гледаме својата работа, живееме во Македонија и се надеваме дека ќе доживееме таа да стане вистинска држава.

ЗНМ: Директорот на топланата „Скопје Север” да си поднесе оставка поради грубите навреди кон новинарка

Видео на денот