Запленетите 4,5 тони путер со поминат рок се производ на „Суташ“?

Profimedia

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вечерва соопшти дека се запленети вкупно 4,5 тони путер со поминат рок кој утре ќе биде уништен на „Дрисла”.

Во соопштението се наведува дека путерот, чиј увозник е млекарницата „Евро Млекара” од Скопје, е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата не соодветствува со увозната документација за производот според која рокот на употреба бил до 2019 година.

– Агенцијата за храна и ветеринарство изминативе две недели спроведе акција за контрола на млечни производи од увоз во млекарницата „Евро Млекара ДООЕЛ”, Скопје. Во неколку последователни контроли во млекарницата и кај дел од нејзините дистрибутери, повлечени се вкупно 4.325 килограми увозен путер, за кој е утврдено дека е со изминат рок до 2019 година. Производот е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата на производот (13.02.2021 година) не соодвествува со увозната документација за производот, според која, рокот на употреба бил до 2019 година, посочува АХВ.

Од Агенцијата не посочуваат чиј е точно производот, но „Слободен печат“ дознава дека е на турската млекара „Суташ“, но во очекување сме на потврда за производителот чиј путер со изминат рок, како што наведува АХВ утре ќе биде уништен на депонијата „Дрисла“.

АХВ соопштува дека се спроведени и дополнителни контроли во „Евро Млекара ДООЕЛ“ и кај дел од дистрибутерите при што запленети се нови количества на путер со изминат рок на употреба, со што вкупната количина на запленет увозен путер за кој застапник е оваа млекарница е скоро 4,5 тони.

– Целокупното количество на увозен путер со поминат рок, ќе биде уништено утре на депонијата Дрисла. Контролите од страна на АХВ продолжуваат и во текот на следната недела на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници, што се продаваат на македонскиот пазар. АХВ ќе постапи неселективно и во рамките на своите надлежности кон сите што ги прекршиле законските правила за продажба на производи. Со оваа акција на АХВ е спречено загрозување на здравјето на граѓаните со небезбедни производи, се вели во соопштението.

Откако вицепремиерот Љупчо Николовски се пофали на Фејсбук за оваа заплена на огромно количество путер со поминат рок, опозициската ВМРО-ДПМНЕ потегот го нарече дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми со криминалот и корупцијата во државата.

Вицепремиерот Николовски од друга страна најави целосна истрага за случајот кој го доведува во опасност здравјето на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот