Запаленото ќебе за една болва ќе ја пеплоса целата куќа!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Мицкоски треба само едно да запамети: браќата Американци одолговлекуваат, но никогаш не ги забораваат „шлаканиците“ од карикатуралните кловнови што мислат дека се лидери, политичари и државници на овој полураспаднат регион наречен Западен Балкан. А не, пак, тие што им ги влепува еден лидер на една опозициска партија во држава каква што е Македонија!

На секој можен начин, секако, со симплифициран речник напросто објаснето, да може да сврзе колку се два и два во меѓународните односи, ајде да не го кажам исклучително простиот, но да речеме необразованиот, неедуцираниот и неспознајниот Македонец, околу начинот на коj функционираат односите во меѓународната политика и што значи тоа за перспективите на Македонија, за нејзината иднина и за нејзиниот државно-правен развој, дали ќе оди во стабилизирачки води и во каков-таков економски раст и развој или во провалија, во изминативе неколку години пишував, говорев и изјавував за да укажам што ќе значи за нас и за нашата иднина како држава застојот или целосната блокада на европерспективите и веројатно засекогаш откажувањето од европскиот сон, доколку ние ја упропастиме и последната шанса за почетокот на преговорите и се инаетиме околу прифаќањето на смешни 3.504 наши сограѓани Бугари во нашиот Устав.

Не постои веројатно човек, како мене, кој толку активно и секојдневно учествувал во јавниот живот на македонската политиколошка сцена, кој бил актуализиран со свои изјави, интервјуа и со колумни и да го користи толку бруталниот речник со кој не сум избирал ни зборови кога сум ја опишувал надворешната политика на официјална Софија кон нас, како државно-правна заедница, општество и нација, честопати компарирајќи ја политиката на Бугарите со модерен нацизам и фашизам, со таа на монструмот Фрицл кон неговите кутри деца. Но, од друга страна, упорно сум тврдел дека во конјунктурноста на констелацијата на моментните односи, неверојатно е ние како цела една нација за една болва (смешен мал број Бугари во Уставот), да го запалиме целото ќебе (европерспективите и иднината на државата), бидејќи палејќи го ќебето веројатно ќе си ја запалиме и целата куќа.

Голема Албанија е само карикатурален националистички фолклорен сон!

Свесни ли сте уште колку такви „прослави“ со кои се удри врз институционалниот државно-правен карактер на Македонија ќе се организираат кај нас во сите населени места со етнички Албанци со стилизирана и фолклоризирана кореографија на „Голема Албанија“ во режија на секоја политичка „елита“ на етничките Албанци кај нас, доколку ние не продолжиме на патот кон ЕУ, а уште пострашно ако Албанија како наш западен сосед ги почне преговорите и стане полноправна членка на ЕУ, а ние останеме заглавени се уште во „расправата“ дека нема да прифатиме уставни измени под бугарски диктат? Навистина, свесни ли сте?!

Овој пат во режија на политичкиот пигмеец од Тетово (изгласан со гласовите на етничките вмровски Македонци во вториот круг за градоначалник во општина Тетово), другпат од некоја друга националистичка будала и џукела што освен петпарачки, примитивно-пештерски национализам на своето етничко гласачко тело не може и не сака да му понуди ништо друго, почнувајќи од, на пример, средена урбана инфраструктура, локален економски развој и пристојна урбана целина за живеење. Веењето на картата на „Голема Албанија“ од некојси таму инцестоиден нееволуиран хуманоид (органите на државата го барале да го санкционираат, бла, бла, бла), од фолклорна албанографија низ децениите што следуваат ќе стане реалност, доколку Македонија не станеше членка на НАТО (за среќа) и доколку не ги продолжи евроинтеграциите напред со цел еден ден да стане полноправна членка на Унијата.

Како човек кого емоционално и интимно го боли промената на името, бев за тоа да се „реши спорот со уставното име“ само со една и единствена цел: влезот во НАТО да биде наш вековен гарант за нашиот територијален интегритет и суверенитет, за да суштествата што веат карти на Голема Албанија да останат на тоа, а не да го реализираат во практика. Да, тие и во иднина ќе веат и ќе сонуваат, но сонот никогаш нема да им стане јаве, бидејќи јас не можам на пештерски примат со коефициент на интелигенција помал од тој на потполошка да му укажам дека не е можно, ни под разно, делови од територија на една земја на членка на НАТО (Македонија) да се отцепат и да се припојат кон друга ( Албанија), без да има директен воен судир меѓу двете земји, членки на НАТО. Што, се разбира, тоа и во теоријата, но и во практиката веќе е невозможно! Толку за темата „Голема Албанија“.

Мицкоски е кукла на конци на унгарско-српски и руски господари!

Од друга страна, се обидувам да го разберам тврдиот став на лидерот на опозицијата во однос на непопуштањето за изгласување на уставните измени и дали тоа се должи единствено на политички калкулации со неговиот личен и партиски рејтинг, дали е заробеник на српските, унгарските и на подземни служби и инсталации на Кремљ и претставува само кукла на конци, воден од тие свои господари, заштитувајќи го српско-рускиот, наместо американскиот интерес на Западниот Балкан, вклучувајќи го и во Македонија, нормално како висок американски интерес или, пак, тоа се должи едноставно на неговиот карактер, его и суета, поголемо од тоа на будимпештанскиот бегалец од правдата, навистина не знам и не знам со сигурност да кажам.

Но, едно знам: доколку овој смешен и жален лик на македонската политичка сцена, поискомплексиран и поисфрустриран и од самото синче на Наде, кој во ек на најголемите државни карантини во корона-кризата влезе во теретана „за да прави тело“ и понатаму им води „инает“ на Американците, особено на фонот на бестијалната руска воена агресија во Украина, кога тие прават се овој регион да го оттргнат од метастазираното руско влијание, односно мисли дека ги заштитува македонските национални интереси и не им попушта на Америте, тогаш навистина овој човек е комплетно несвесен што прави за себе и за својата иднина. Политичка и лична! Барем нека земе поука и искуство од неговиот претходник. Зашто, ако заврши на Дунав или на Волга, тогаш тоа ќе биде топ премија за него. Да не би да треба, не дај боже, да ни се преповторува нашето жално минато, како жална судбина во еден вртлог од кој излез, како држава, немаме. Треба само едно да запамети: браќата Американци одолговлекуваат, но никогаш не ги забораваат „шлаканиците“ од карикатуралните кловнови кои мислат дека се лидери, политичари и државници на овој полураспаднат регион наречен Западен Балкан. А не, пак, тие што им ги влепува еден лидер на една опозициска партија во држава каква што е Македонија!

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот