Мартин Богатиноски

Закон си имаме, ама инспекторите се на пуш-пауза

Проблемот не е во пушачите. Проблемот не е ни во непушачите. Проблемот е во институционалната навика сè да се решава со нови закони, а ништо со теренска работа. Секогаш чекаме „ново“, „поинаку“, „поригорозно“, наместо да се запрашаме зошто старото не функционира. И зошто никој не одговара за тоа!

Законот веќе постои. Стои таму, црно на бело, со членови, ставови, со предвидени глоби. Не е нов, не е непознат, не е донесен вчера, во три сабајле. Закон за заштита од пушење цигари има со години. Предвидува одвојување на пушачи и непушачи во угостителските објекти. Предвидува забрана за пушење во јавен превоз, во институции, во болници, училишта, административни згради… Забранува рекламирање цигари на телевизија, на билборди, во медиуми. Сето тоа веќе го имаме.

И токму затоа се наметнува прашањето што никој не сака да го постави гласно: ако законот постои, тогаш зошто не се спроведува?

Наместо одговор, добиваме нов нацрт-закон. Поригорозен, построг, со поголеми казни и промовиран со поголема медиумска помпа. И тука нешто не штима. Не затоа што идејата за воспоставување ред е лоша, туку затоа што редот не почнува со пишување нови закони, туку со примена на постојните. Сè друго e театар.

Ајде да бидеме искрени. Колку пати сте виделе во практика јасно одвоени простории за пушачи и непушачи како што предвидува актуелниот закон? Не формално, не со табла залепена на ѕид, туку реално – со функционална изолација, без чад што се провлекува насекаде. Колкупати сте виделе инспектор да влезе во кафуле во шпиц-термин и да изрече казна? Не предупредување, не „ајде, само овој пат“, туку казна?!

Ретко. Или никогаш.

Законот постои, но се доживува како да е нешто симболично. Како украс за европски извештаи. Како алиби дека „имаме регулатива“. А регулатива што не се спроведува не е закон, туку лоша шега. И кога по години игнорирање на сопствениот пропис државата излегува со нов, построг закон, сосема е легитимно да се запрашаме: дали ова е вистинска грижа за јавното здравје или само популизам спакуван во законска форма?

Оти, ако проблемот е пушењето во јавни простори, решението не е нужно нов закон. Решението е инспектор што си ја врши работата. Решението е контрола. Решението е казна што се изрекува, а не се најавува. Сè друго е бегство од сопствената неспособност.

Најлесно е да кажеш – од март ќе биде поинаку. Или – од март ќе биде строго. Или – од март ќе воведеме ред. Тоа „од март“ е магичен збор. До март може да се зборува, да се дебатира, да се расправа по телевизии, да се собираат поени. А дотогаш – ништо. Вистината е брутално едноставна: ако државата сака ред, таа може да го воведе уште сега, во моментов, додека го читате текстов.

Инспекторите не мора да чекаат нов закон. Тие веќе имаат основа за дејствување. Во Законот веќе има член што забранува пушење во јавен превоз. Има член што забранува пушење во институции. Има член што наложува одвоени простории во угостителските објекти. Ако тоа не функционира, проблемот не е во законската рамка туку во нејзината примена. Или во отсуството на волја.

И тука доаѓаме до непријатниот дел. Нов закон често е признавање пораз. Признавање дека стариот закон не сме го знаеле, не сме го сакале или не сме смееле да го спроведеме. Наместо да се признае тоа, се оди по полесниот пат: ќе донесеме нов, уште построг. Како строгоста сама по себе да создава ред. Не создава. Само создава уште еден мртов закон ако нема кој да стои зад него.

Проблемот не е во пушачите. Проблемот не е ни во непушачите. Проблемот е во институционалната навика сè да се решава со нови закони, а ништо со теренска работа. Секогаш чекаме „ново“, „поинаку“, „поригорозно“, наместо да се запрашаме зошто старото не функционира. И зошто никој не одговара за тоа.

Ако денес инспекциските служби масовно излезат на терен, ако казните почнат да се изрекуваат без селекција, ако правилата почнат да важат за сите, тогаш работите драстично ќе се променат. Без нов закон. Без да чекаме март. Без спектакл. Но тоа бара доследност. А доследноста, очигледно, е најретката валута во ова општество.

Затоа, пред да аплаудираме на нови забрани, вреди да поставиме едно просто прашање: дали утре, кога и овој нов закон ќе почне да се игнорира, ќе пишуваме уште еден, уште построг?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот