Фото: Општина Аеродром

Заканата со протести и притисокот на граѓаните го премислија Ѓорѓиевски, зонското во Реонски ќе го почека Ново Лисиче

Скопскиот градоначалник не соопшти јавно дека се одложува примената на зонското во Реонски, туку тоа го објави „Градски паркинг“ на својата интернет страница. Па кој разбрал разбрал, а кој не разбрал, ќе си плати за паркирање согласно поставените табли со информации за наплата низ населбата, на кои не пишува дека се уште не треба да се плаќа.

Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ под притисок на граѓаните не го реализираа она што го најавија, поточно од денеска нема да се воведе зонско паркирање, зона Д 12 во населбата Реонски центар во општина Аеродром.

Одлукаката се смени откако пред точно 4 дена градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во друштво со првиот човек на Аеродром, Дејан Митески и директорот на ЈП „Градски паркинг“, Владимир Кроневски, прошетаа по паркинзите низ Реонски центар, кога тој соопшти дека се воведува зонско во оваа населба и дека од 1 април сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата.

Оваа вест предизвика бурни реакции кај жителите на општината, при што граѓаните од Ново Лисиче се заканија со протести доколку зонското не се одложи и не стартува истовремено и во Реонски и во Ново Лисиче. Се чини, уште пожестоки беа реакциите на граѓаните кои се регистрирани во некоја од постоечките зони во општината и кои досега можеа бесплатно да паркираат низ општината. Според најавата на Ѓорѓиевски, тие во иднина ќе мораа да плаќаат во зоните каде не се регистрирани.

Зонското во Реонски центар го крена на нозе Ново Лисиче: Или ќе се одложи стартот или утре ќе има протести!

Два дена подоцна скопскиот градоначалник соопшти дека го слуша и почитува гласот на граѓаните и дека паркирањето останува бесплатно во сите зони.

Дадена е насока до директорот на ЈП ,,Градски паркинг”, во општина Аеродром, во Реонскиот центар каде се воведува зоната Д12, останува да важи старото правило: секој резидент – физички и правни лица, ќе може да се паркира на сите зони на територијата на општината без да плаќа надоместок, како што беше најавено претходно. И ова правило останува да важи за цел Аеродром! Ова е директен одговор на барањата и реакциите на граѓаните и доказ дека нивниот глас не само што се слуша, туку и се почитува. Нашиот народ е секогаш во право! – информира Ѓорѓиевски.

И аеродромци што не се во зоните бараат бесплатно да паркираат низ општината, не сакаат да бидат дискриминирани

Веќе наредниот ден се прифати и барањето на жителите од Ново Лисиче иако овој пат Ѓорѓиевски не соопшти јавно дека се одложува примената на зонското во Реонски, туку тоа го објави „Градски паркинг“ на својата интернет страница. Па кој разбрал разбрал, а кој не разбрал, ќе си плати за паркирање согласно поставените табли со информации за наплата низ населбата, на кои не пишува дека се уште не треба да се плаќа.

По насоки од Град Скопје и Општина Аеродром и во интерес на граѓаните и нивното барање за одложување на почеток на зонското паркирање на зона Д12- Реонски Центар, Јавното претпријатие „Градски паркинг“- Скопје, ги известува граѓаните дека се пролонгира започнувањето со работа на зоната, предвидено за 01.04.2026, сѐ до комплетирање на сите неопходни активности. Тоа подразбира целосна усогласеност на сообраќајниот проект за зонско паркирање за новата зона Д11- Ново Лисиче и поставување на соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација – соопштија од „Градски паркинг“.

Образложението за постапката е дека имплементацијата на зонското паркирање во овој дел од градот треба да биде комплетна, правична и паралелна, без притисок и прелевање на проблемот со паркирање од една во друга зона. Всушност, тоа на што укажаа жителите на Ново Лисиче, а кое надлежните требаше да го знаат пред да го најават стартот на зонското во Реонски центар, а потоа да се премислат.

Ѓорѓиевски ги послуша граѓаните, секој жител на Аеродром ќе може бесплатно да паркира во сите зони во општината

Од „Градски паркинг“ се надеваат дека во текот на мај ќе се отпочне со реализација на зонско паркирање во двете зони Д11 и Д12, а како што велат, истовремено го одложуваат и процесот за прибирање на потребната документација од заинтересираните корисници за паркирање.

Зонското паркирање во населбите Ново Лисиче и Реонски центар се најавува веќе две години откако првично жителите беа анкетирани дали се за овој проект или не, по што како што информираа од Општина Аеродром дури 75 посто од анкетираните се изјасниле за воведување зонско. Што и како се работеше оттогаш до денес и зошто после толку подготовки сепак не се воведе истовремено во двете населби, не е јасно.

Сега, откако градските власти постапија како што бараа граѓаните од Аеродром, останува да се испочитува уште барањето на оние жители кои досега не беа опфатени во ниедна од зоните во општината, па плаќаа 25 денари од час доколку имаа потреба да го остават своето возило на зонско паркиралиште. Тие сметаат дека се дискриминирани зашто единствено тие од сите жители на Аеродром не можат да паркираат бесплатно насекаде низ општината.

Но, доколку се прифати и ова барање тогаш тоа треба истото да се применува и за граѓаните во Карпош и Центар, односно секаде каде има зонски паркиралишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот