Заеднички концерт на Мартин Џорлев, Нинослав Спировски и Мартин Георгиевски ќе се одржи во СЦ „Дуња“
Во Социјален центар „Дуња“ на 11 декември, со почеток во 20 часот, со заеднички сет ќе настапат Мартин Џорлев (гитара), Нинослав Спировски (саксофон, кларинет) и Мартин Георгиевски (електроника).
Препорачано
Гитаристот Мартин Џорлев е широко препознаен по својот значаен придонес кон локалната и регионалната сцена, особено преку успехот на инди-рок / пост-панк бендот „Луфтанза“.
Неговата кариера започна како дел од различни музички состави и проекти, како што се „Зулу 3.4“, „Луфтанза“, „Стој, После!“ и „Животни“, кои оставија белег на македонскиот креативен музички пејзаж.
Нинослав Спировски е македонски фри-џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава.

Како еден од најактивните учесници на сцената, застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез-шеми. Најпознат е по работата со „Светлост“ и „Светлост + Одрон ритуал оркестра“, а учествува и во бројни други состави.
Мартин Георгиевски настапува како „Амплидин ефект“ (Amplidyne Effect) од 2009 година, а фокусиран е на електронска, амбиентална и експериментална музика, претежно во форма на импровизирани сесии.

Има издадено бројни изданија, а музиката ја изведува соло и со бендови како „Пост глобал трио“, „Meissa Ionis“, „Трима“ и „Светлост + Одрон ритуал оркестра“. Настапувал на фестивалот „Похода“ во Словачка, „PNEM Soundart Festival“ во Холандија, „De:sonanz“, Скопскиот џез-фестивал и многу други.
Влез на концертот е препорачана донација за артистите.


