ЗАБАВНА ЗОНА | Тасевски: Возењето картинг, од безбедносен аспект, многу помага во сообраќајот
Дали знаевте дека во Скопје постои место каде што можете да уживате во адреналинот кој со себе го носи возењето? Станува збор за картингот „Скај карт“. Но, како всушност функционира возењето картинг? По што се разликува од обичниот автомобил? Дали овој спорт е поризичен или побезбеден од возењето автомобил на улица?
Препорачано
Во населбата Волково се наоѓа „најжешкиот асфалт“ извозен од страна на ентузијастите на картингот. „Слободен печат“ во својата нова епизода од серијалот „Забавна зона“ ве носи токму таму – во „Скај Карт“, каде што брзината, рефлексите и искуството се најценети!
Инструкторот за возење картинг во „Скај Карт“, Никола Дамјановски, ни опиша како изгледа оваа активност, кои се правилата на возење, со колку картинзи располага „Скај карт“ и слично.
– Правилата се такви што посетителите најпрво доаѓаат и си прават профил, им даваме да потпишат изјави. Потоа кога ќе седнат во картинзите им објаснуваме дека десната педала е гас, левата кочница, нема намерно удирање на патеката и ако се заглават некаде, им помагаме ние инструкторите – изјави Дамјановски.
Македонија може да се гордее и со еден свој одличен спортист и претставник на овој спорт, Масимо Тасевски, шампион во картинг во Македонија, Србија и Грција. Тој веќе 13 години активно се занимава со возење картинг и зад себе има низа од шампионски титули, награди и учества на престижни натпревари. Зборувајќи за неговата успешна кариера како картинг возач, го прашавме зошто би ги повикал луѓето да дојдат и да го пробаат овој адреналински спорт.
-Другите ентузијасти на картинг и помладите и постарите, би ги повикал да се занимаваат со картингот затоа што е многу адреналински спорт, безбеден е пред сѐ, може многу да се научи од него. Поточно, техниките што ќе се применат на патеката, потоа многу помагаат во возењето на автомобил на улица, од безбедносен аспект, не од натпреварувачки и да се брза и да се натпреварува по улици вонзаконски. Исто така, може многу да се успее во картингот, само треба да се има многу потенцијал и помош од спонзори – вели Тасевски.


