За среќа, изгледа пациентката е успешно лекувана, бидејќи ја сретнав лани во мај, ѝ рече доктор Васев на вештакот Маја Равник од Словенија
Доктор Нино Васев, кој е првообвинет за тешки дела против здравјето на луѓето за 29 пациенти што ги лекувал на Клиниката за онкологија, денеска во судница ѝ поставуваше вкрстени прашања на словенечката експертка, доктор Маја Равник, која е вештак на Обвинителството.
Препорачано
Обвинетите тврдат дека вештакот Равник немала целосни документи кога ги вештачела медицинските истории на пациентите лекувани на Клиниката за онкологија. Така за една пациентка вештачените документи почнуваат од 2020 година иако таа била пациентка од 2009 година на Онкологија, односно 12 години пред датумот на вештачените документи, реагираше Васев.
Адвокатот на Васев, Дељо Кадиев, ја праша Равник со кои докази тврди дека „дадена терапија на пациентка докажано ѝ ја влошила состојбата“.
-Во моето мислење експлицитно е запишано дека препишаната терапија многу веројатно на пациентката ѝ штетела, што ѝ го загрозило животот и веројатно ѝ ја забрзала смртта и не зборувам дека има доказ – рече вештакот.
За друга пациентка доктор Васев ја праша Равник:
-Сакам да прашам дали знаете дека оваа пациентка е исклучително лекувана по протокол за предоперативна хемотерапија од клиниката „Голден Кројц“ во Австрија, што и го изјави самата пациентка која е жива и даде исказ пред судот? – рече Васев.
Вештакот одговори дека во нејзиното мислење е забележано дека на пациентката ѝ е советувана предоперативна хемотерапија и дека има второ мислење од Австрија. Васев всушност вели дека „до точка и запирка“ спроведувал протокол кој на пациентката ѝ бил препишан од австриска болница од професор Зеленски.
Васев ја праша Равник дали знае дека пациентот имал 12 операции во текот на третманот и доби негативен одговор зашто немало такви информации во документите.
-Проценувате дека била препишана премногу терапија „бевацизумаб“ иако одевме по строги насоки на неговиот доктор кој секој месец го посетуваше, дали го знаете тоа?
Вештакот од Словенија одговори дека за препишување на соодветна доза нужно потребно е да се знае телесната тежина на пациентот, која во документацијата не е забележана.
-Затоа различното дозирање за целото примање на бевацизумаб може да пресметаме дека било за човек чија телесна тежина е од 53 до 106 килограми. Дека пациентот имал редовни посети од колегата од странство, тоа не беше запишано во документацијата – рече Равник.
Потоа Васев зборуваше за пациентка за која вештакот смета дека му била препишувана преголема терапија „капецетабин“.
-Дали знае дека често издаваме терапија за дома и за повеќе месеци бидејќи може да снема лек? – праша Васев.
На тоа доктор Равник рече дека многу пати во документите забележала дека лековите не само таблетите туку и ампулите му се давале на пациентот на рака, каде било забележано дека ќе ги прима дома или кај матичен лекар.
-Можам да искоментирам дека ако била препишана дупла доза поради страв дека лекот нема да е достапен, зошто тоа се повторувало повеќе пати по ред? – праша докторката од Словенија.
За друга пациентка вештакот тврдеше дека индициран лек е „ипилибумаб“ а Васев ѝ кажа дека тој лек на Клиниката за радиотерапија и онкологија никогаш го немало и не бил набавен.
За друг пациент доктор Васев имаше спротивно мислење од вештакот – рече дека се согласува со ефикасноста на третманот бидејќи пациентот уште е жив и ја прима истата терапија.
Доктор Васев праша дали вештакот знае дека пациентката живеела 11 години, што е двојно повеќе од средното преживување на метастатска болест по првиот прием.
-Живеела 14 години со рак на дојка, но мислењето во однос на лекувањето не се однесува на должината на живеењето, така што не отстапувам од даденото мислење – рече вештакот.
Васев зборуваше дека пациентка имала ќерка онколог во Германија и е лекувана по терапија препишана од онколог од Германија.
Ексдиректорот на Клиниката за онкологија, Васев, ја праша доктор Равник дали знае дека третманот за кој таа тврди дека е несоодветен за пациентка, конкретно лекови наречени бисфосфонати – всушност ѝ биле давани и советувани од максилофацијален хирург и дека таа го земала скоро 2 години без никаков физички проблем.
-Зошто напишавте дека таа терапија била премногу давана кога таа терапија ѝ ги намали болките во коските на пациентката – праша Васев.
Доктор Равник рече дека бисфосфонатите се контраиндицирани. А Васев продолжи да наведува дека вештачењето на Равник не опфаќа години и години од лекувањата на пациентите.
-Дали мислите дека е битно кога пациентката добила рак на дојка, што тоа е 8 години пред периодот опфатен во вашето вештачење? – праша Васев.
Вештакот одговори дека тој податок не би влијаел на нејзиното мислење.
-За среќа изгледа дека пациентката е успешно лекувана, бидејќи ја сретнав во мај минатата година – одговори Васев.


