За половина година украдени 42 бисти од гробни места, ниеден сторител не е фатен
Бројката на украдени бисти е загрижувачка и е доказ за слабата ефикасност на обезбедувањето со кое располага управителот на гробиштата, а дека станува збор за примамлив „бизнис“ говорат податоците за користа што ја оствариле крадците, која според податоците на МВР, изнесува над 16 милиони денари, односно околу 260.000 евра.
Гробиштата во Скопје годинава се на удар на вандалите и крадците, за што сведочат сè поголемиот број пријави од граѓани за оштетени и украдени надгробни плочи и бисти од гробните места.
Препорачано
„Цвета“ криминалниот бизнис на скопските гробишта
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека ситуацијата е значително влошена во споредба со минатата година, кога полицијата регистрирала само два случаи кога биле украдени спомен-бисти, додека, пак, од јануари годинава очигледно „цвета“ криминалниот бизнис на вандалите. Според официјалните податоци, од почетокот на оваа година па сѐ до јуни се регистрирани 42 случаи на украдени надгробни бисти во Скопје.
– Во 2025 година споредбено со 2024 година овие тешки кражби се зголемени. Имено, во 2024 година се регистрирани само 2 (два) случаи на украдени спомен-бисти, додека во 2025 година, заклучно со јуни, се регистрирани 44 случаи, од кои 36 кривични дела се извршени на градските гробишта Бутел, четири на гробиштата во Драчево, две на гробиштата во Ѓорче Петров и по едно кривично дело во паркот „Жена борец“ и Градски парк – велат од МВР.
„Слободен печат“ неколкупати пишуваше за вандализмот и за зголемениот број кражби на надгробни плочи од скопските гробишта, а особено од гробиштата во Бутел, но од АД „Бутел“ тврдеа дека ситуацијата „не е сериозна“ и бројот на украдени надгробни бисти не е голем, што е спротивно од податоците на МВР.
Дека крадците го искалиле занаетот и веројатно нема да престанат со работа, говори и фактот дека од моментот кога ги добивме одговорите од Министерството, регистрирани се уште 29 нови оштетени надгробни плочи и споменици на гробиштата во Ѓорче Петров, кои исто така се под надлежност на АД „Бутел“.
– На 10.7.2025 во 13.50 часот во СВР Скопје, вработен во АД „Бутел“ пријави дека на градските гробишта во Ѓорче Петров биле оштетени 29 споменици и надгробни плочи – информираа од МВР.
Акционерското друштво „Бутел“ располага и раководи со гробиштата во Бутел, Ѓорче Петров и во Камник. Според состојбата на крајот на 2024 година, на гробиштата во Бутел има вкупно 870.800 гробни места, во Ѓорче Петров 9.983, а во Камник има 6.395 гробни места.
Сепак, не сите несовесни граѓани што незабележано „оперираат“ на најголемите гробишта во Македонија си одат со некаков „плен“. Дел од нив имаат различни мотиви и веројатно упаѓаат со цел само да направат некоја пакост и штета на гробовите. Доказ за тоа се искршените бетонски или мермерни плочи под кои се наоѓаат останките на починатите, откорнатите крстови со имињата на луѓето што се закопани во тоа гробно место и искршените венци со последните поздрави од најмилите, глетка пред која никој не би можел да остане рамнодушен.
Случаите со украдени бронзени бисти и оштетени и вандализирани гробни места и надгробни плочи, за жал, веќе не се новост за скопјани. Претходно „Слободен печат“ ги анализираше случаите од април до јуни годинава, кога откривме зголемена вандалска активност и вкупно седум осквернавени гробни места од кои насилно биле откорнати и изнесени бронзените бисти.
Управителот и МВР со спротивставени ставови
Бројката на украдени бисти е загрижувачка и е доказ за слабата ефикасност на обезбедувањето со кое располага управителот на гробиштата, а дека станува збор за примамлив „бизнис“ говорат податоците за користа што ја оствариле крадците, која според податоците на МВР, изнесува над 16 милиони денари, односно околу 260.000 евра.
– Со извршените кривични дела, според оштетените, сторителите предизвикале материјална штета од околу 430.100 денари, а се стекнале со противправна имотна корист од околу 16.026.320 денари – прецизираат од Министерството за внатрешни работи.
На оваа тема, од АД „Бутел“ ни одговорија дека точно е дека имало вандализам, оштетување и кражба на надгробните плочи, но тие се ретки и неповторливи, а речиси за сите од нив се пронајдени сторителите.
– Ретки се случаите на вандализам на гробните места, односно врз надгробните споменици. Случаите се најчесто изолирани односно не се повторливи во текот на една година. Сепак бронзените бисти, украси, скапите мермерни, гранитни плочи знаат да бидат предизвик и поттик за кражба. Во изминативе години на работење знаело да се случат немили настани како кражби, уништување на надгробните споменици и слично, па досега за речиси сите се има најдено сторителот и поведени се постапки пред надлежните органи на прогонот – велат од „Бутел“.
Во однос на тоа колку случаи се расчистени и се најдени сторителите, од полицијата одговорија дека од 44-те украдени бисти, само две се пронајдени и вратени на сопствениците, додека, пак, како што велат од МВР, сѐ уште не е пронајден ниту еден од сторителите, изјава што е тотално спротивна и со различен тон од онаа, незагрижувачката што ја добивме од управителот со најголемите скопски гробишта.
– Пронајдени се две бисти, од кои една е вратена на сопственикот, но засега сторителите на кривичните дела и нивните мотиви се непознати. За сите случаи е известено ОЈО Скопје и тие се квалификувани како кривично дело „тешка кражба“, предвидено и казниво во согласност со член 236 од КЗ на РМ, а СВР Скопје во координација и по насоки на ОЈО Скопје презема мерки за утврдување на идентитетот на сторителите, како и на мотивите за извршување на кривичните дела- информираат од полицијата.
Сепак, и покрај сиве овие податоци, остана неодговорено само едно прашање, можеби и најважното за граѓаните – кој ќе ги покрие милионските штети на семејствата на починатите.
Ниту од управителот ниту од Министерството не добивме одговор за тоа кој ќе ги покрие штетите на семејствата, иако беа прашани неколкупати, што значи дека доколку не се најдат украдените бронзени бисти, а шансите за тоа се огромни, товарот за градба на нови надгробни плочи и споменици повторно ќе „удри“ по џебот на семејствата на починатите.


