За отворањето на руската црква во Софија се чека амин од Москва, бугарските политичари бараат докази за руската шпионажа

Руското Министерство за надворешни работи го повика бугарскиот амбасадор во Москва, јави агенцијата РИА Новости.
Москва изрази протест во врска со протерувањето на ректорот на Руската православна црква во Софија, се вели во соопштението на руското министерство.
„На 25 септември во руското МНР беше повикан амбасадорот на Бугарија Атанас Крастин, пред кого беше изразен остар протест во врска со протерувањето од Бугарија под измислен изговор, на богохулен и навредлив начин, на претпоставениот и двајца претставници на Руската православна црква во Софија“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Во петокот бугарската безбедносна агенција ДАНС протера еден Русин и двајца Белоруси. По наредба на првиот човек на агенцијата Пламен Тончев, на тројцата странски државјани им се изречени присилни управни мерки „протерување“, „одземање на правото на престој“ и „забрана за влез во Република Бугарија“ во траење од пет години во врска со нивните активности насочени против националната безбедност и интересите на Република Бугарија, пренесоа медиумите во Бугарија.
Претходно, како реакција на протерувањето на руските свештеници од Софија, руските власти наредија да се затвори храмот во центарот на Софија.
Тоа ги натера властите во Москва да го затворат храмот „Св. Николај Мирликиски“, кој се наоѓа во централниот дел на Софија.
„Старата руска црква, која долги години беше место каде Русите и Бугарите заедно се молеа, сега ќе биде затворена“, најави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Во неделата пред црквата се одржа голем протест пред црквата, а во понеделникот бугарскиот патријарх Неофит лично назначи свештеници од Софија кои ќе се грижат за храмот, извршувајќи ги вообичаените богослужби.
-Неговата светост очекува помош од Амбасадата на Руската Федерација во Софија за отворањето на храмот и продолжување на неговиот благословен живот, кој игра важна улога во духовното воздигнување на православните христијани, додаваат од Светиот синод на БПЦ.
Руската амбасадорка во Софија Елеонора Митрофанова вчера изјави дека Руската амбасада ќе преземе активности во врска со црквата Свети Никола – Руската црква во Софија, во координација со Руската православна црква (РПЦ).
„Сите дејствија во врска со Руската црква во Софија ќе бидат преземени во согласност со одлуката на Руската православна црква. Засега не сме запознаени дека патријархот Кирил добил писмо од патријархот Неофит, не ја знаеме одлуката на Руската православна црква Црква“, рече амбасадорката во изјава за руската агенција ТАСС.
Амбасадата на Русија во Бугарија е официјален сопственик на храмот и го има соодветниот нотарски акт, јави БТА.
Најава дека ќе се отвори руската црква во Софија даде и бугарскиот премиер Денков кој интензивно контактирал со Светиот синод на Бугарската православна црква и изразил подготвеност на државата да помогне во обновувањето на богослужбите во храмот, доколку тоа е во нејзините овластувања и Светиот синод смета дека е потребно.
Има ли докази за шпионските активности на руските свештеници?
Во меѓувреме бугарските политичари продолжуваат да бараат одговори од властите во Бугарија кои се причините поради кои се протерани руските свештеници.
Извори од безбедносните служби за бугарските медиуми изјавиле дека дејствувале по добиени податоци за постапувањето на споменатите лица поврзани со имплементација на различни елементи од хибридната стратегија на Руската Федерација за намерно влијание врз општествено-политичките процеси во Република Бугарија во полза на руските геополитички интереси.
Пратеникот Георги Свиленски од БСП побара да се покажат докази дека протераните свештеници се шпиони.
Според него, на бугарските граѓани треба да им се објасни што прави државата за да ги заштити интересите на Бугарија.
„Ако овие свештеници беа прогласени за виновни за шпионажа, требаше да бидат уапсени, а не протерани. Така прават во европските земји. Тие не се дипломати како оние другите 70 од амбасадата кои имаат некаков дипломатски статус, требаше да бидат уапсени како што беа уапсени наши бугарски сограѓани во Велика Британија. Но, ако немаат податоци, факти, тогаш така постапуваат затоа што се сомневаат, ги испраќаат брзо, без аргументи, без докази“, рече Свиленски.
Тој изјави дека доколку ДАНС си ја врши работата во интерес на бугарските граѓани и националните интереси, треба да ги покаже доказите.
-Минатиот пат кога беа избркани првите 70 дипломати, повторно побаравме сослушување во парламентот, испадна дека имало докази само за 15, а другите биле фатени заедно со нив, без никакви докази“, коментира Георги Свиленски.
Претходно политичарите реагираа на бавноста на бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) која ги протерала руските свештеници меѓу кои и архимандритот Васијан Змеев откако недела дена пред тој беше протеран од Македонија, заедно со тројца руски дипломати од руската амбасада во Скопје.
И лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов изрази сомнеж дека постои извештај на Националната агенција за безбедност, врз основа на кој се протерани тројцата вработени во храмот Св. Николај Мирликиски – Чудотворец.
Британија денеска ќе им суди на Бугарите обвинети како руски шпиони
Петмина бугарски државјани кои живеат во Велика Британија денеска ќе се појават пред судот во Вестминстер, централен Лондон, каде ќе бидат обвинети за шпионажа за Русија, соопшти БНР.
Орлин Русев (45) од Грејт Јармут, Норфолк, Бисер Џамбазов (41) и Кетрин Иванова (31), двајцата од Хароу, западен Лондон, Иван Стојанов (31) од Гринфорд, западен Лондон и 29-годишната Вања Габерова, од Черчвеј, северозападен Лондон, се очекува да бидат обвинети за дела според член 1 од Законот за кривично право од 1977 година. Тоа значи „учество во заговор за собирање информации наменети да бидат директно или индиректно корисни за непријателска држава“. Станува збор за периодот август 2020 година и февруари оваа година.
Русев, Џамбазов и Иванова веќе беа обвинети за поседување лажни лични документи во февруари, откако беа претресени нивните домови кога беа уапсени. Се верува дека петмината се шпионска ќелија на чело со Орлин Русев.
Случаите за шпионажа се многу ретки во британските судови, при што случаите на шпионажа од странски државјани често се решаваат директно со протерување. Сепак, односите меѓу Велика Британија и Русија нагло се влошија откако руските трупи ја нападнаа Украина во февруари минатата година.