Време е за народно востание

Но, браќа земљаци и мили комшии, многу поголем проблем е тоа што во овие триесет години „афтономна Македонија“ не се појави никаков концепт за прослава на Илинден, чиј автор нема да биде политичар. Никаква „афтономна“, граѓанска, идеја од која ќе се види дека сме заедно, „без разлика на вера, народност, пол и убежденија“.

Браќа земљаци и мили комшии, ние пак не прославивме за Илинден. Ја одржавме триесетгодишната традиција големиот државен празник да го користиме за да ја продолжиме борбата – со сите братоубиствени средства – за ослободување од политичко-партискиот непријател. Ако е за утеха, овојпат во духот на востанието од 1903: благодарение на новиот концепт, што го замисли претседателот на државата Стево Пендаровски, пресметката избувна порано од планираното.

Три дена пред пред прославата во Крушево, Пендаровски обзнани дека нема да држи говор на Мечкин Камен, туку ќе ги повика сите политички лидери да дојдат и така да демонстрираат дека делбите се лошо минато, да испратат порака на заедништво до народот. Концептот ја имаше разорната моќ на црешовото топче: прва жртва беше самиот тој. Уште зборот не доречен, од сите опозициски страни беше сардисан со обвиненија –  „ќе оди на Мечкин Камен на кафе наместо на чествување на непокорот“ (владика Пимен), „политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да се спакува и да ја напушти политиката. Лидерство се покажува и во добри и во лоши моменти“ (Христијан Мицкоски)…

Тука, во оваа реченица на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски лежи поводот за да се задуши и авторот и неговиот концепт: Пендаровски не покажа лидерство во „лоши моменти“! Ако има некое прашање што навистина заслужува одговор тоа е прашањето: Зошто собирот, прославата на големиот историски настан на Мечкин Камен би бил „лош момент“ за било кого, вклучувајќи го и претседателот на државата? А бил и, од година во година, станувал се полош, не само за говорникот.

Ниеден говорник во овие триесетина години „самостојна“ прослава на Илинден, не успеал со својот говор на Мечкин Камен да обедини било кого друг, освен своите. За народот и да не зборуваме. Секогаш се било подготвено тој да биде изложен на „лоши моменти“, ако зборувал за доброто на сите (Киро Глигоров да биде исплукан, на пример). Имало, се разбира, и „добри моменти“ – тогаш кога публиката била исчистена од лошите гости и кога претседателот се обраќал само пред своите (Ѓорге Иванов со пораката „не го признавам грчкиот договор“ доживеа овации).

Никој нема илузија дека Пендаровски со својот говор, каков и да беше, ќе ги обединеше политичките непријатели, нивните поддржувачи и народот што стои зад нив, поделен уште одамна пред да дојде во Крушево (дури напротив: тој доаѓа со намера да се види дека не ги дели ставовите на претседателот). Но, годинава за првпат еден претседател не се изложи на евентуален директен, лице в лице, плотун од патриотски напади, навреди и скандирања. И тоа е неговиот голем грев, неговото дезертерство од битката. Уништената шанса за некаква катарза, за ослободување на насобраниот гнев, е потег спротивен на традицијата, потполно неочекуван и неразбирлив. Тактичка мамка, како рушењето на мостот на Неретва, која не се простува. Се разбира, со тоа не само што не ги избегна „лошите моменти“, туку ги испровоцира да почнат многу порано и навлече толку историски гнев, што најверојатно тие моменти ќе останат незаборавни и откако ќе му заврши мандатот.

Но, браќа земљаци и мили комшии, многу поголем проблем е тоа што во овие триесет години „афтономна Македонија“ не се појави никаков концепт за прослава на Илинден, чиј автор нема да биде политичар. Никаква „афтономна“, граѓанска, идеја од која ќе се види дека сме заедно, „без разлика на вера, народност, пол и убежденија“. Културно востание за ослободување од политичарите кои го узурпираат и го злоупотребуваат Илинден. Нешто што ќе биде вистински напад врз политичките импровизации, инспириран од пораката во крушевскиот манифест: „Ние не сне муртати на сфојата земја, шчо не родила, ние не сне арамии и јанкесеџии, а ревољуционери пот клетва да умриме за правото и за слободата; ние се бунтуваме протиф тиранијата и протиф ропството: ние се бориме и ќе се бориме протиф муртатите, протиф арамиите, протиф зулумќарите и јанкесеџите, протиф насилниците на нашата чес и на нашата вера и протиф тие шчо смучат нашата пот, и експлоатират нашио труд“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот