Возовите застанаа, никој со прст не мрдна

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Возовите стојат, транспортот трпи, патниците бараат друг превоз, а надлежните се однесуваат како тоа да е нормално. Ниту министерот за транспорт се засекира, ниту директорот на МЖ-Транспорт кажа нешто.

Оние повозрасните би сакала да ги потсетам, а на оние помладите, кои можеби никогаш и не се качиле во воз, би сакала да им ја раскажам „приказната“ за некогашниот железнички сообраќај на овие простори. Некогаш секаде се одеше со воз – се седнуваше во купето и се поминуваше незаборавен пат, вистинска авантура, до Загреб, до Јадранско Море, Минхен… Некогаш и низ Македонијава се патуваше со воз. Ги имаше и оние шинобуси, како да си во автобус. Доаѓаа навреме, а патувањето беше удобно и евтино. Секако, ниту пругите ниту брзината на возовите не можеа да бидат соодветни за денешното време. Затоа, кога дојдоа кинеските возови, кружеше еден виц дека тоа е како да си купил мерцедес за да оди по селска калдрма.

Пругите на овие простори неоправдано ги запоставивме, ги заборавивме. А возовите сè уште се многу ефикасно превозно средство насекаде во светот. Кај нас железницата е во катастрофална состојба. Сè помалку луѓе се возат со неа, а и превоз на стоки се врши се помалку. Бројките покажуваат дека во 2010 година биле превезени 1.512.000 патници и 3.097.000 тони стока. Десет години подоцна патничкиот сообраќај е намален за шест пати – во 2020 година имало 253.000 превезени патници и речиси преполовен превоз на стока, односно 1.744.000 тони. Некој може да забележи дека лани беше пандемиска година, но бројките, особено за превозот на стока, се слични и во претходните години.

За реструктуирање на железницата се зборува веќе со децении. Некогашното ЖТП (Железничко-транспортно претпријатие) одамна е поделено на две претпријатија: АД Македонски железници – Транспорт и ЈП Македонски железници – Инфраструктура. Идејата е инфраструктурата да си ја задржиме како државна, а транспортот да се приватизира. Низ годиниве многу студии се направени за таа евентуална приватизација, многу консултанти се изредија и многумина рекоа дека се заинтересирани да влезат во македонскиот железнички сообраќај. И – толку! Резултатот – само потрошени пари. А, можеби и токму така требало да се случува… Можеби никој вистински и не сакал да го приватизира транспортот, ниту сакал да ги засука ракавите за да имаме ефикасен железнички сообраќај. Можеби кој и да седнел во фотелјата, мислел само на себе и на партијата што го поставила на тоа место.

Деновиве повторно се соочивме со целосен прекин на железничкиот сообраќај. И, како никого мува да не го лази. Ниту министерот за транспорт се засекира, ниту видовме директорот на МЖ – Транспорт да каже нешто. Возовите си стојат, товарниот транспорт трпи, патниците веќе и не сметаат на возовите, а надлежните се однесуваат како да е тоа нормална состојба.

Но, со нормалното изгледа одамна се збогувавме. Сигурно некому ќе му биде и смешно од денешна перспектива да зборуваме за амбициите од времето кога младинци од цела Југославија, вклучувајќи ги и Македонците, сами ја изградиле пругата Брчко-Бановиќи во Босна и Херцеговина, која годинава прослави 75 години од своето постоење. Факт е дека некогаш некој гледал што ќе остави зад себе, а не што ќе добие за себе. Тоа го покажува и самата историја на македонската железница. Во 1869 година на бриселскиот банкар, баронот Хирш, му била доделена концесија за изградба на железничката пруга Солун-Скопје-Митровица. По должината на пругата биле изградени околу 600 пропусти за потоците и реките и шест мостови над Вардар со вкупна должина од повеќе од илјада метри, а кај Демиркаписката Клисура на пругата работеле 1.500 работници. Изградбата на пругата официјално почнала на 9 февруари 1871 година и траела три години – била пуштена во употреба во август 1873 година. Денеска, по 150 години, незамисливо е такво грандиозно дело да се направи за три години. Дојде време кога за толку време најмногу што може да се направи се десетина километри од автопат или, евентуално, некој „покомплициран“ кружен тек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот