Во Охрид ќе се организира шаховски турнир за деца: Родители потпишуваат изјава дека има ризик детето да им фати корона

Досега за учество се пријавиле околу 60 деца и млади до 18 години за ова првенство.

„Изјавувам дека моето дете е здраво и дека јас како родител сум свесен дека за време на шаховскиот турнир има ризик од трансмисија на вирусот Ковид 19, при што самиот ја сносам одгооворноста и последиците од истиот”.

Ваква писмена изјава потпишуваат родителите што се согласиле нивните деца да учествуваат на Првенството на Северна Македонија во шах за млади до осум, десет, дванаесет, четиринаесет, шеснаесет и осумнаесет години. Натпреварите ќе се одржуваат од 25 до 29 август во хотелот Метропол во Охрид.

Спортскиот новинар Александар Табаковски за „Слободен печат” вели дека неговиот личен впечаток е дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести треба по службена должност да реагираат и да го спречат одржувањето на овој високоризичен настан за кој издале и одобриле протокол, најверојатно незнаејќи дека ќе биде наменет и за деца. За него е несфатливо како во услови кога не се отвораат ни градинките ни училиштата за да се забрани групирање на млади лица, Шаховската федерација на Македонија сака да организира младинско првенство и покрај укажувањата дека има асимптоматски носители, а младите се најголеми трансмитери на коронавирусот.

Во протоколот кој е општ, тврди Табаковски, изоставен е еден многу важен елемент, а тоа е дека децата ќе бидат сместени по двајца или тројца во хотелски соби, повеќе консекутивни денови и апсолутно е невозможно да се контролира нивното поведение во факултативните часови пред и после натпреварите. Како родител на дете кое е шахист, кога Табаковски се обидел да реагира кај организаторот, не наишол на разбирање, туку наместо глас на разумот, се претворил во „расипувач на забави”.

-Протоколот е направен како за играчи кои ќе дојдат да играат шах и ќе си заминат, а сега се вметнува нов момент, кумулација на деца на една локација и во еден хотел, кои надвор од салата за игра не се покриени со никаков протокол односно се оставени сами на себе. За еднокреветна соба се доплаќа плус 30 проценти од цената, а ако дојдат со родители тогаш се оптоварени да платат дополнителни пансиони во хотелот. Ако не одберат да платат повеќе тогаш децата ќе бидат групно сместени. Оној играч што сака да игра, поднесува изјава дека е свесен за можноста за заболување од Ковид 19 и потпишува дека на своја одговорност ќе настапува. А бидејќи децата се малолетни и немаат деловна способност за поднесување на такви изјави, истото се бара да го сторат нивните родители, објаснува Табаковски за ,,Слободен печат”.

Прочитајте и...  Ердоган: Турција го тестираше С-400, не се важни заканите од САД

Тој се прашува, ако организирањето на вакви турнири е безбедно, тогаш зошто некој сака да се заштити од одговорност.

– Мислам дека Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести по службена должност треба да реагираат зашто издале протокол веројатно без да знаат дека турнирот всушност ќе биде повеќедневен, а децата нема како да се контролираат надвор од салата во која ќе се одвиваат натпреварите. Доволно е едно асимптоматско дете да дојде и да спие во повеќекреветна соба со дргуите и заразата да се прошири, вели Табаковски.

Досега за учество се пријавиле околу 60 деца и млади до 18 години за ова првенство.

Јовица Николовски, наставник во основно училиште во Скопје, вели дека го пријавил неговото дете за учество на првенството, но дека дефинитивно нема да му дозволи да биде сместен во хотел. Тој е раководител на шаховска секција во основно училиште но годинава поради ситуацијата со коронавирусот решил да не преземе ризик и да ги носи децата од училиштето на првенството. Според Николовски, подобра опција за организирање на овој турнир би била некоја спортска сала и тоа учесниците да одат само на одделни партии шах, а не да бидат сместени заедно, со што се ризикува да се прошири коронавирусот поради блиски контакти.

Прочитајте и...  Џафери-Хоти: Успешната соработка меѓу Македонија и Косово се карактеризира со меѓусебна поддршка и почитување

-Јас го пријавив моето дете за учество, но не значи дека ќе одиме. Ќе ја следам ситуацијата колку новозаболени ќе има и според тоа ќе одлучам. Сметам дека не требало да се одбере Охрид како дестинација поради тоа што има голема фреквентност на гости, а не може ниту да се контролира како децата ќе се однесуваат во собите или во времето додека не се на партија шах, вели Николовски за ,,Слободен печат”.

Претседателот на натпреварувачката комисија при Шаховската федерација на Македонија, Зоран Стојчевски за ,,Слободен печат” тврди дека федерацијата е одговорна за спроведување на протоколот само додека се игра натпреварот и дека се спроведени сите позитивни мерки за неговата организација, како и препораките од Европската шаховска унија.

-Протоколот ни беше одобрен од Комисијата за заразни болести и натпреварите ќе бидат многу побезбедни од било кој концерт или собирање во ресторани. Впрочем, во ресторани и четворица седат на иста маса. Регулирано е салата да биде осветлена, да има природна вентилација, а не затворена вентилација, пропишано е растојание од најмалку метар и 20 сантиметри меѓу играчите, сите натпреварувачи ќе носат маски и ќе има средства за дезинфекција и корпи. Се советуваат играчите да не се допираат за лицето додека играат, се дезинфицираат шаховските фигури и таблите. Условите на овој турнир ќе бидат подобри од било кој настан како на пример концерт или во ресторан, вели Стојчевски.

Тој додава дека хотелот ќе биде отворен само за натпреварувачите од шаховските турнири, но дека никој не е приморан да биде сместен во хотелот. Сепак, од неговиот шаховски клуб дури 15 учесници досега се пријавиле за хотелско сместување. Запрашан, зошто ако натпреварите се безбедни, тогаш од родителите се бара да потпишат писмена изјава дека се свесни оти на турнирите има ризик од трансмисија на Ковид 19, Стојчевски одговори дека на таков начин сакале да бидат сигурни дека родителите знаат дека натпреварите не се одржуваат во регуларни, туку во вонредни услови и дека се одговорни.

Прочитајте и...  ФОТО: Коронавирусот „цути“ во Австрија и Холандија

-Одговорноста за однесувањето на играчите си е на самите играчи и на нивните старатели. Во тој сегмент, бесмислено е дека некој треба да води сметка што треба да прават играчите после партијата. Тоа е невозможно. Во хотелот исто така никој не може да се движи без маска, храната не се служи од шведска маса. Се трудевме да одбереме место кое е прилично изолирано, иако имавме уште еден кандидат хотел во кој можевме да организираме, но бидејќи се наоѓа во поцентрално подрачје во Струга, ја елиминиравме таа варијанта. Таму играчите и родителите повеќе ќе флуктуираа во градот и ризикот ќе беше поголем. Во однос на изјавата што ја потпишуваат родителите, таа е всушност изјава со која кажувате како родител дека сте свесен за условите во кои се одвива турнирот и за состојбата со ковид. Ние сакаме да постигнеме дека родителите и децата се свесни за протоколот, дека е прочитан и дека ќе го почитуваат. Сакаме да знаат дека излегуваат на официјално натпреварување и каде по завршувањето на партиите може да има и некој контакт на растојание помало од метар и половина и да се свесни. Да се свесни дека не се одржува турнирот во најнормални услови. Сметам дека нема ништо лошо во таа изјава, туку дека родителот знае каде го пратил детето и под кои услови ќе се одвива турнирот, ни рече Стојчевски.

Поврзани вести

Ердоган: Турција ќе размисли за воведување нови мерки за борба против ковид-19

Слободен печат

Казнети 983 лица кои не носеле маска

Слободен печат

Полскиот претседател Анджеј Дуда позитивен на коронавирус

Слободен печат

Во Парагвај пронајдени тела во фаза на распаѓање кои пристигнале во контејнер од Србија (ВИДЕО)

Слободен печат

Трамп: Наскоро ќе ставиме крај на пандемијата, Бајден ја преувеличува ситуацијата

Слободен печат

Георгиевски: Историската комисија има направено големо поместување напред

Слободен печат

Остави Коментар