Во Кочани и Скопје собири по повод шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“
Денеска се навршуваат шест месеци од најголемата трагедија во поновата македонска историја – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 млади луѓе. По тој повод, во Кочани и во Скопје се организираат собири за поддршка на семејствата на жртвите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во Кочани, родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите“. Маршот ќе започне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе продолжи пред општинската зграда, УЈП, полицијата, судот и обвинителството, а ќе заврши повторно во паркот.
Во Скопје, пак, вечерва во 20:16 часот на плоштад „Македонија“ се одржува протестен собир под мотото „6 месеци болка, 6 месеци неправда“. Организаторите „Кој е следен“ потсетуваат дека трагедијата не смее да се заборави и упатуваат порака за солидарност со семејствата на загинатите. На плоштадот ќе биде поставено сандаче, во кое граѓаните ќе можат да остават пораки за поддршка, кои следната сабота ќе им бидат предадени на семејствата во Кочани.
„Не смееме да заборавиме, не смееме да продолжиме како ништо да не се случило,“ порачуваат организаторите на собирот во Скопје.


