Внимание: Петар маскиран во мантија повторно напаѓа жени!
Во демократски општества, особено во нашето, кое сака да биде „едно општество за сите“, нема место за вакви заканувачки изјави кон жените, а „зборот“ на владиката Петар може да биде проверен и во Јавното обвинителство.
Секуларизам значи дека црквата е одвоена од државата, а религијата има намалено влијание во јавниот живот. Државна религија, пак, значи официјална религија, воспоставена државна црква. Во некои земји со државна религија свештениците и поглаварите имаат само церемонијална улога, но уживаат посебен статус и добиваат финансиска поддршка од државата, а во други, пак, играат клучна улога во политичкиот живот, а нивните претставници им се надредени на другите државни институции. Примери за првите се лутеранските државни цркви во скандинавските земји, а за вторите е денешен Иран.
Препорачано
Во минатото државните цркви биле правило, па постепено почнале да се одвојуваат религиските од политичките функции, а од 18 век во западниот свет како една од главните вредности почнало да се промовира секуларизмот, односно одвојувањето на државата од црквата. Тие трендови денес се раширени низ целиот свет со исклучок на исламските држави, со тоа што мнозинството устави изречно ја промовираат слободата на вероисповед и еднаквоста на сите граѓани, без разлика на нивите верски убедувања.
Но, во практика, одделни верски заедници можат да имаат толку силно влијание во политичкиот живот, што де факто претставуваат државна религија. Како во нашата практика.
Македонија нема државна религија, според Уставот е секуларна држава, а член 19 предвидува дека Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.
Но, Македонија не наликуваше на секуларна држава овој Велигден, кога првиот полицаец Оливер Спасовски, придружуван од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска заминаа како официјална државна делегација во Ерусалим за да го преземат благодатниот оган, а на скопскиот аеродром огнот го пречека војска, гарда со почесна стража, на чело со премиерот Димитар Ковачевски!
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е наследник на Комунистичката партија на Македонија, членовите на партијата не се демохристијани, ниту конзервативци, па наглите верски изблици кај нив некој може да ги толкува како чист популизам, за што повеќе гласови од верниците. Никој не им брани да одат приватно во Ерусалим, како искрени верници, ако навистина станале такви, но по благодатниот оган мораше и требаше да одат верските православни поглавари, а не политичките поглавари. Оти, вака поставено, вреска од цинизам – во бившиот комунистички режим од комунисти буквално не можеше да се влезе во црквите (беше забрането), а и сега е така (токму нивните наследници ги преполнија црквите за да се сликаат, па за верниците нема место). Ја презедоа модата од претходниците, вмровци, кои како властодршци беа редовни гости на најголемите празници, задолжително фотографирани, за гласачите да помислат дека овие штом се толкави верници, сигурно се чисти души и не е можно да крадат од сопствениот народ или да му мислат зло, не дај боже, пак, предавство!
Јавноста знае дека Оливер Спасовски е голем православен христијански верник, ама само затоа што тој толку добро досега се потруди да го покаже тоа. Поголем е, секако, од министерката за култура, која, пак, во светите ерусалимски места шеташе со рацете в џеб, упатувајќи така порака дека и самата не знае што бара таму.
А, пак, во каква црква се залетаа да собираат дневнополитички поени, им покажа владиката Петар, кој во своето велигденско послание, полно со омраза и мизогинија, ги навреди сите жени. Предупреди владиката дека во минатите векови, токму во тие времиња кога сите цркви биле државни, сè до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била само сопруга и мајка и домаќинка, а денес е високоеманципирана со забележителни позиции, но често и разведена и самохрана мајка! Па си нареди владиката зборови дека кога некој бара поголеми права треба да е подготвен и способен да извршува и поголеми должности, а спротивно, остварувањето на права без должности се нарекува анархија и хаос и го расипува и изопачува светот! Значи, според Петар, жените го изопачуваат светот, оти не се само мајки и домаќински и се разведени или самохрани мајки, без да зуцне ниту збор колкава е улогата на мажот во тоа „изопачување“ на светот, кој, според владиката, ја губи својата рамнотежа и хармонија. Ако семејството е поделено, човекот е се поизгубен, беседеше владиката, обвинувајќи ја еманципираната жена за изгубениот човек. Ќе сме влегле во нихилизам, ама уште пострашно и во родова еднаквост, која да ти била богохулна манипулативна терминологија.
Во демократски општества, особено во нашето, кое сака да биде „едно општество за сите“ нема место за вакви заканувачки изјави кон жените, а „зборот“ на владиката Петар може да биде проверен и во Јавното обвинителство, зашто тој практично „фрли анатема“ на современите жени, кои, замислете биле и разведени и самохрани мајки, а тоа штетело на целиот свет. Во тој свет има разни психопати, кои едвај чекаат жената да ја вратат под јаремот на патријархатот, па ОЈО може да го допраша владиката на што всушност, повикува и зошто во велигденското послание не си се задржа само на Велигден, туку грубо се замеша и во секуларните работи и ги навреди речиси сите жени.


