ВМРО-ДПМНЕ се закани со кривична пријава, Шилегов ги покажа документите за куќата

Мојата семејна куќа во Тафталиџе е изградена од страна на мојот покоен татко во 1995 година и јас сум нејзин сопственик од 2006 година. Станува збор за куќа од приземје, прв и втор кат и покрив. Ова го истакна градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес конференција и притоа одговори на повеќе обвинувања на  ВМРО-ДПМНЕ во врска со неговиот имот.

– Видно, во имотниот лист, јас сум сопственик на куќа која што се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив, што е фактичка ситуација и состојба и денеска. Ништо не е додадено повеќе од тоа што стои во имотниот лист. Лага број два – Шилегов прави реконструкција без одобрение. Ова е одобрението издадено од надлежниот орган Општина Карпош во декември минатата година кога е започната реконструкцијата. Лага број три – Шилегов не е сопственик на градежното земјиште. Ова е решението за приватизација на градежното земјиште- рече  Шилегов покажувајќи ги документите пред новинарите.

Според него, секогаш кога опозицијата нема со што да се спротивстави на политиките кои што ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје, влегува во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да го компромитираат него и моето семејство. Тој е категоричен дека на претстојните избори треба да се зборува исклучиво за Скопје.

Тој нагласи дека длабоко верува во демократските, но и во човечките вредности.

– Јас сум човек којшто достоинствено ќе го истрпи сево ова. Впрочем, зошто ни е политиката, ако ја загубиме човечноста. Драги мои скопјани, јас сум вашиот градоначалник и убеден сум дека тоа го знаете и го препознавате, и во оваа кампања од мене ќе слушате само како ќе ги решаваме проблемите кои што тие луѓе ни ги наталожија. Ќе победиме и на овие избори и ќе продолжиме заедно да го градиме Скопје како една поинаква приказна, Скопје како што сите го сакаме, Скопје како што сите го замислуваме  – нагласи градоначалникот Шилегов.

Претходно, во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го обвини актуелниот градоначалник во врска со неговиот имот, како и за тоа дека на неговата семејна куќа во Тафталиџе надградува два ката повеќе од дозволеното.

Тие денеска повторно побараа од Шилегов да ги покаже документите, во спротивно се заканија со кривична пријава.

„Шилегов имаше рок од 24 часа, кој полека истекува, за да покаже дозвола, платени комуналии или било каков документ за семејната зграда, во спротивно ќе му биде поднесена кривична пријава. Но Шилегов одбра да молчи и да се крие. Бега од одговори затоа што е кабает. Тој има изградено два ката повеќе од дозволеното и сега од петни жили се обидува да го заташка овој скандал, мислејќи дека така ќе се спаси од одговорност. Но се лаже, фатен е жив. Шилегов беше избран и платен од граѓаните да го штити градот од урбанистичко дивеење, но тој избра да премине на страната на урбаната мафија. Тоа е исто како шумар да стане дрвокрадец“, се вели меѓу другото во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот