ВМРО-ДПМНЕ се сили со протести на „нероден Петко“

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Опозицијата организира протести врз основа на недокажано тврдење дека премиерот Зоран Заев прифатил бугарската декларација да биде дел од преговарачката рамка за да се тргне бугарското вето.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера за време на шпицот го блокираше сообраќајот во Скопје и во уште десет градови со недокажано тврдење дека премиерот Зоран Заев прифатил бугарската декларација да биде дел од преговарачката рамка за да се тргне бугарското вето, а владејачката СДСМ ја обвини дека ги поткопува државните интереси и дипломатските напори само за да освои некој поен пред локалните избори наесен. Премиерот Заев вчера повтори дека за македонскиот јазик и идентитет не се преговара, а од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски соопштија дека неговиот став за бугарските барања е конзистентен, а членството во ЕУ не е вредно за да се обезличиме.

Од друга страна, и Бугарија преку нивното МНР повтори дека позицијата им е предвидлива и непроменета, односно „техничката влада се раководи од Рамковната позиција и декларацијата на Народното собрание од 2019 година, која ја ужива поддршката на 85 проценти од бугарските граѓани“, а министерот Светлан Стоев завчера порача дека од Македонија очекуваат правни гаранции за почитување на Договорот од 2017 година и конструктивен одговор за долгорочно решение на прашањето.

– Бугарија отсекогаш покажувала волја за конструктивен и прагматичен дијалог со Скопје. Ќе продолжиме да работиме за закрепнување на довербата – порачал Стоев на средба со амбасадорите на членките на ЕУ во Софија.

Повик за протести за предавство што не е извршено

Аналитичарите оценуваат дека Мицкоски ги повикува граѓаните на протести со неосновани тврдења дека Владата ја прифатила бугарската декларација, а и тој самиот завчера рече дека една од варијантите е владиниот претставник Бучковски во Софија да постигне устен, наместо писмен договор, за кој потоа нема да мора да се носи владина одлука. Според аналитичарот Петар Арсовски, за да се обвини некој за национално предавство, предавството прво треба да биде направено.

– Обидот сега е каков било договор на Заев со Бугарија да биде прогласен за предавство. ВМРО-ДПМНЕ гледа дека нешто се раздвижува во таа насока, па засега тоа им е единствена политичка тактика. Мицкоски со ваквото однесување сака да ги зацврсне своите позиции пред гласачкото тело кое е понационалистички определено. Тоа е изговор да го држи ВМРО-ДПМНЕ во висока туража, затоа што ако партијата не се занимава со Бугарија и со Заев, тогаш неминовно ќе се занимава со начинот на кој тој ја води. Не знам дали му е паметна оваа политика во овој момент и дали повторно не прави погрешна процена како што беше во случајот со Преспанскиот договор. Насоката и политиките на Македонија се кон евроинтеграциите, а ако продолжи со ваков деструктивен начин, може да ги загуби позициите кај европските соработници, да го намали коалицискиот капацитет на партијата итн. – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Професорот Ѓорги Спасов, пак, го обвини пратеникот Антонио Милошоски дека тој е изворот на дезинформацијата поради која ВМРО-ДПМНЕ блокира, односни тој им кажал дека од свои дипломатски извори дознал дека Заев и Бучковски ја прифатиле бугарската декларација. Спасов потсети дека по бугарското вето Милошоски изјавуваше дека дознал дека блокадата ја подржувале и Данска и Холандија, па нивните амбасади мораа да го демантираат.

Сѐ додека Милошоски и сличните избегнуваат казнивост, тие со лаги ќе предизвикуваат блокади, ќе внесуваат вознемиреност меѓу населението, ќе шират страв од национални предавства, страв од Бугарите, од Грците, од Албанците и ќе ја глумат улогата на лажни бранители и уставобранители. Оттука, време е некој дуото Милошоски и Мицкоски да го праша кои се тие доверливи дипломатски извори што лажно ги брифираат. Дали сами ги измислуваат или некои дипломати можеби свесно и за свој интерес свесно им подметнуваат“, напиша професорот Спасов на Фејсбук.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во вербална „војна“

Од ВМРО-ДПМНЕ завчера обвинија дека премиерот Заев и специјалниот претставник Владо Бучковски се пред нов обид за продажба на националните интереси и дека во преговорите што тајно ги водат со Софија подготвуваат анекс, писмени гаранции или „патоказ“, со кои ги прифаќаат ултимативните негаторски ставови и со кои широко ќе се отвори вратата на целосна асимилација на Македонците.

– Овие стравувања не се само на ВМРО-ДПМНЕ туку и на целата јавност и на експертите. Впрочем, и официјална Софија потврдува дека основен предуслов за тргање на ветото е декларацијата со која се негираат историскиот континуитет на јазикот, идентитетот и антифашистичката борба врз кои се темели нашата државност. За жал, Зоран Заев одговара со подготвеност за прифаќање и преговори. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и народот повторно излегуваат на улица, сѐ додека Заев не го обелодени документот што го преговара со Бугарија. Во наредните денови ќе почнат блокади под мотото „Доста е. Излези за Македонија“ во десет града од 15 до 17 часот, со цел јавноста да дознае какви концесии и отстапки ветил Заев на сметка на идентитетот и интересите на граѓаните – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката СДСМ возврати дека блокадите и антидржавното дејствување се сѐ што знаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

– Не е првпат Мицкоски да шири лажни вести околу односите со Бугарија. И лани на крајот од годината Мицкоски јавно среде Скопје ширеше хистерија дека во Софија се распарчувала државата, дека на тајни средби се распродавал идентитетот. Сѐ што е во интерес на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ го кочи, опструира и блокира – одговорија од СДСМ.

Министерот за европски политики Никола Димитров завчера уште еднаш повтори дека на самитот на ЕУ на 22 јуни е подобро да сме позитивно изненадени отколку повторно разочарани и дека одлуката за почетокот на преговорите со ЕУ нема да е само наш успех, туку сигнал за целиот регион дали европската иднина е реална.

– Влогот е многу голем и за ЕУ во смисла на тоа дали може да ѝ се верува. Со Бугарија бараме решение кое е квалитетно и кое ќе биде одржливо, кое не смее да навлегува во нашите идентитетски обележја и кое ќе биде еден вид инвестиција за градење односи на пријателство врз основа на заемна почит – повтори Димитров на првиот состанок на Националниот совет за евроинтеграции во сегашниот парламентарен состав.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, чиј кадар раководи со МНР, верува дека спорот со Бугарија ќе се реши. Тој рече дека Мицкоски како лидер на ВМРО ДПМНЕ треба да биде многу поактивен кога станува збор за државните интереси, а во врска со спорот со Софија, смета дека треба да помогне меѓународната заедница.

– Тоа прашање ќе се реши. Прво треба да се одлучи дали се за решение и јас сметам дека и двете страни се за решение, но има неколку разлики што го одолжуваат прашањето. Тие разлики се комплицирани, сензитивни, станува збор за историјата, личности, јазикот, и тие прашања на политичко ниво е тешко да се решат, на академско ниво никогаш нема да успеат да се договорат. Ќе остане, според мене, на политичко ниво да се покажат храбри. Треба да се направи компромис. Треба да ни помогне, да ни олесни меѓународната заедница – изјави Ахмети во интервју на ТВ 21.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот