ВМРО – ДПМНЕ понуди програма за излез од економската криза

Мицкоски: Предлагаме план како да се стигне до една милијарда евра

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицскоски денеска на прес-конференција побара од претседателот на СДСМ, Зоран Заев, веднаш да го повлече предлогот за кратење на платите на вработените во администрацијата, бидејќи со тоа, според него, кризата ќе се продлабочи.

Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ предлага план како да се дојде до една милијарда евра, за помош на економијата по последниците од вонредната ситуација со корона вирусот.

– Државата да покрие до 50 отсто од бруто трошоците за вработените, по основ на нето плати и придонеси, а не само нето плати како што предлага СДСМ. Бараме целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите. Бараме веднаш Владата да се откаже од непродуктивните трошоци од буџетот и безусловна интензивна реализација на капиталните инвестиции. Робусна и стопроцентна реализација на капиталните инвестиции. Бараме Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето на патарина и царински давачки, како и одлука за укинување на сите давачки царински и даночни за набавка на здравствени маски, препарати и уреди потребни за справување со корона вирусот, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, ја поддржува одлуката аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но истото ова треба да се примени, вели тој, и за ДДВ за март кој се плаќа до крајот на месец април за дејностите погодени од кризата.

Од најголемата опозициска партија побараа наналување на непродуктивните трошоци за времени вработувања и Владата да донесе уредба со сила на закон за поништување на одлуката со која се купува удел во АД ГА-МА Скопје и средствата кои се на сметката на НЕР АД Скопје во висина од 32.000.000 евра да се пренаменат и да се искористат за санација на штетите од пандемијата.

– Дополнително може да се обезбедат 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, имено пасивниот капитал да се претвори во актива. Тековно, банките на сметки во НБРМ имаат огромна ликвидност и дополнително од тоа, имаат 25 милијарди денари во благајнички записи, што е околу 420 милиони евра. Тоа се краткорочни хартии од вредност издадени од Народната Банка за повлекување на ликвидност од банките во услови на вишоци на ликвидност во банкарскиот систем, но и кога има вишок на ликвидност во целата економија, за да не се креираат притисоци врз инфлацијата, додава Мицкоски.

Според Мицкоски, секој изгубен ден значи загубено работно место и нарушен стандард.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот