Власт што има ваква опозиција, не треба да се плаши за својата иднина

Сѐ додека по мермерните ходници на белата палата новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги повторува старите рефрени на груевизмот, СДСМ, каков-таков, дали за 8.000 гласа, дали за 1 или за 3 проценти, ќе биде во предност и ќе победува на изборите.

Понекогаш, функционирањето на една држава повеќе зависи од тоа дали има добра опозиција, отколку добра власт. Опозицијата нуди алтернативни решенија и ја поттикнува владата да работи подобро, а во ситуација кога е потребен национален консензус таа, застапувајќи ги интересите на своите гласачи, понекогаш ги поддржува владините одлуки. Тоа е така во „нормалните“ држави. Нашата, за жал, одамна го има изгубено тој атрибут. Кај нас опозицијата го загуби својот кредибилитет уште додека беше власт.

Во периодот на владеење на Никола Груевски, ВМРО-ДПМНЕ стана дел од системот што ја зароби државата и граѓаните и предизвика голема штета во сите сфери од општественото живеење, од образованието и архитектурата, до судството и економијата. Десетгодишното деградирање на вредностите и институциите се уште го зема својот данок. Затоа е чудно како новото раководство на старата ВМРО-ДПМНЕ повикува на борба против криминалот и корупцијата. По аналогија на тие заложби (доколку навистина се борат против корупцијата и криминалот), тие првите треба да се пријават во најблиската полициска станица и да бараат против нив да се преземат соодветни дејства. Но, од времето на Макијавели, а и уште пред тоа, кога политиката се споредувала со најстариот занает на светот, таа и моралот немаат заеднички допирни точки.

Дистанца од Груевски

За каков впрочем елементарен морал зборуваме кога обвинети за кривични дела, процесирани и заглавени во судските лавиринти, јавно ни делат лекции од право и истите беа најгласни противници на донесувањето на измените на Законот за јавното обвинителство. Во поглед на меѓународната политика, без скрупули, се главни генератори на лажни вести, па амбасадорите на одредени земји мораа да го прекинат својот божиќен одмор за демант на изречените лаги.

Но, што може да се очекува од партија чиј потпретседател во новогодишната честитка на социјалните мрежи ретроспекцијата на својата политичка активност за 2020 година ја насловува како „Моја битка“ (Mein Kampf – превод на германски јазик).

Да се вратиме малку на прагмата. Кај нас, по правило, изборите ги одлучуваат неопределените гласачи, оние што не се членови ниту на партијата на власт, ниту пак на опозицијата. Тие одлучуваат дали ќе ја казнат власта и дали ќе ѝ дадат шанса на опозицијата да покаже што знае и умее. Ова му е јасно на секој просечен познавач на политичкиот живот во Македонија, освен можеби на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Тие се однесуваат како граѓаните да се увезени од некоја друга држава пред четири-пет години и како пред тоа да не знаеле што се случува во Македонија. Се додека во нашите уши одsвонуваат гласовите на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, во кои се зборува за убиства, ендеци, провизии, тефтерчиња, човечиња, денешната опозиција не би можела да стане власт.

Власта треба да се заслужи, а изгубената доверба на граѓаните повторно да се добие. ВМРО-ДПМНЕ пред да почне да се натпреварува и да има шанси на некои наредни избори да стане власт, пред сѐ, треба јасно, недвосмислено и искрено да се дистанцира од груевизмот и од Никола Груевски лично, да му се извини на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата држава за десетгодишната узурпација на власта и за штетата која денешните генерации многу тешко ќе може да ја надоместат. Потоа, да се обврзе дека во иднина интересите на државата секогаш ќе ги става пред интересите на партијата и на нејзините водачи. И конечно (ако навистина сака некогаш да стане власт) да ѝ ја подари на државата (поточно, да ѝ ја врати назад) белата палата, како што тоа имаше доблест да го направи СДСМ, со зградата на Илинденска бб, на почетокот на градењето на независна Македонија.

Последните испитувања на јавното мнение одат во насока на тоа дека Христијан Мицкоски сѐ уште е само пренесувач на пораките од север. Колку ли треба да падне неговиот персонален рејтинг за да биде свесен дека партијата ја води во погрешна насока? Времето ќе покаже дали ВМРО-ДПМНЕ може да собере храброст и да излезе од сенката на Никола Груевски, која сѐ уште, дури и од Будимпешта, е надвисната над зградата на плоштадот ВМРО. Сѐ додека тоа не се  случи и се додека по мермерните ходници на белата палата новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги повторува старите рефрени на груевизмот, СДСМ, каков-таков, дали за 8.000 гласови, дали за 1 или за 3 проценти, ќе биде во предност и ќе победува на изборите.

Екстремна десница

За тоа време, екстремната десница, преправена во некаква си квазилевица, пополека почнува да чепнува од гласачкото тело на главната опозициска партија и дополнително ја ослабнува нејзината позиција, која константно е во надолна линија. Во својот јавен дискурс претставниците на оваа партија звучат застрашувачки радикално, рушејќи го дури и ѕидот до каде би се проектирал спектарот на ултра десни партии. Овој нов феномен на политичката сцена во земјава укажува на се поголемата дезориентираност на граѓаните и на нивната разочараност од мејнстрим политичките партии барајќи револуционерна правда (стрелачки водови), судови надвор од правниот систем (преки судови), а сето тоа проследено со упатување недолични зборови и изрази кон своите политички опоненти. Не е лесно да бидеш граѓанин и гласач во РСМ денес.

Дали некој ќе успее да ја спречи таа дополнителна радикализација  и раситнување на гласачкото тело на десницата пред локалните избори наесен, применувајќи го рецептот опишан погоре или, пак, по принципот ништо не слушам, ништо не гледам, а зборувам само тоа што ќе ми се каже, ќе ја втурне ВМРО-ДПМНЕ во провалија од која нема враќање – ќе покаже времето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот