Владата негира дека се мешала во Мешовитата комисија: Историчарот Ѓорѓиев самиот се компромитирал

Откако денеска историчарот Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка од членството во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања, обвинувајќи дека висок функционер во МНР вршел политички притисоци врз нејзината работа, реагираше Владата. Оттаму велат дека „со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев си дозволил да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Комисијата“.

Од Владата велат дека во ниту еден момент ниту се мешале, ниту имале било какво политичко влијание во работата на Комисијата, туку, напротив, секогаш ја поддржувале нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдиле своите принципи на работа.

„Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција. Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество. Во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Ѓорѓиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата“, велат од „Илинденска“.

Понатаму, тие сметаат дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев, си дозволил да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на С Македонија и Бугарија.

„Со ова соопштение укажуваме на овие непобитни факти, ја почитуваме неговата одлука и се заблагодаруваме за неговиот досегашен ангажман“, се вели во соопштението на владината прес-служба.

Се огласи и ко-претседателот на Мешовитата комисија, бугарскиот историчар Ангел Димитров, кој на новинарите во Софија им кажа дека „станува се потешко да ги информира за работата на заедничката Комисија“.

„До вчера напладне работите одеа добро во разговорите на заедничката историска Комисија, но, нешто се смени во последен момент“, наведе Димитров.

Според него, неговите колеги од Северна Македонија „не дозволиле идеја за постоење заедничка историја“. Тој даде пример дека, како што рече, „тие не сакаат заеднички да ги слават заедничките личности и дека не се воделе од нивните биографии”. Како пример ги наведе браќата Миладинови кои имаат годишнина во 2022 година. Според него, имало сличен пример со Гоце Делчев, кој исто така има јубилејна годишнина во 2022 година. Димитров додаде дека ќе биде тешко да се излезе од периодот на 10 и 11 век, за кој разговараат историчарите.

Тој вели дека „постои политички притисок врз неговите колеги од македонскиот дел од Комисијата, потсетувајќи дека претстои втор круг од локалните избори во земјата”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот