Владата „ќе се меша“ само во работата на Националната телевизија

Владата ќе ја развива демократијата со тоа што ќе ја обезбеди слободата на изразувањето и нема премногу да навлегува во регулацијата на медиумите, се вели во програмата за работа на владината коалиција за периодот 2020-2024 година. Извршната власт ги разбира медиумите како средство за развој на демократијата, а „ќе се меша“ само околу содржините за децата што не смеат да бидат штетни за нив и пласирањето лажни вести.

Владата сака да обезбеди точно и навремено информирање и ќе ја развива Националната радиотелевизија, а финансиски ќе им помага на весниците и на локалните телевизии.

Поддршка за весниците и за локалните телевизии

Делот што се однесува на медиумите во програмата е насловен како „Демократија што работи за граѓаните“ и освен медиумите таму се опфатени и граѓанските организации.

„За Владата на Република Северна Македонија, демократијата значи слободни и информирани граѓани. Тие еднаш во четири години носат изборна, демократска одлука, но секој ден можат да добијат точни и навремени информации, секој ден можат да го кажат своето мислење, да се организираат, да иницираат промени и да влијаат врз одлуките што се носат во нивно име. Само тогаш демократскиот изборен систем е целосно во полза на граѓаните и ги штити и јакне.

Слободата на изразување е основно човеково право, кое е суштинско за едно општество да се нарекува демократско и да оди напред. Веруваме во слободата и плурализмот на медиумите бидејќи нашата држава ја гледаме како мозаик на култури, јазици, обичаи и мислења – тоа е нејзината посебност и оттаму доаѓа нејзината сила и големина. Убедени сме дека единствената улога на Владата во регулирањето на медиумскиот сектор треба да биде сосредоточена на обезбедување на слободата на говорот, структурниот плурализам, македонскиот јазик и јазиците на заедниците и на заштитата на децата од штетни медиумски содржини“, се вели во владината програма.

Во следните четири години фокусот ќе биде ставен на развојот на Националната радиотелевизија, која извршната власт сака да ја види како „вистински јавен радиодифузер, кој е во чекор со времето, информира навреме и точно, ја штити јавноста од дезинформации и гради професионално и квалитетно известување“. Се најавува и стратегија за справување со лажните вести кои, според Владата, ја поткопуваат безбедноста, демократијата и довербата во институциите.

„Владата ќе го поддржи создавањето истражувачка медиумска лабораторија преку која студентите по новинарство од почетокот на студирањето ќе се вклучат проактивно во борбата со дезинформациите и со лажните вести. Ќе обезбедиме поголема заштита на малолетната публика од штетните влијанија на онлајн медиумите, преку усогласување на националното законодавство со новата директива на ЕУ за аудиовизуелни правила, кои се однесуваат на видеошеринг платформите. Владата ќе води политика на континуирана и недискриминаторска финансиска и нефинансиска поддршка за печатените медиуми и за локалните и регионалните телевизии. Владата ќе предложи подобра регулатива за медиумска сопственост и концентрација, а ќе поддржиме и ефективна саморегулација“, се наведува во програмата.

За граѓанските организации 32 милиони евра

Граѓанските организации ќе добијат повеќе пари од државата, а планот е до 2024 година уделот на државното финансирање да изнесува две милијарди денари (32,5 милиони евра), односно да изнесува една третина од нивните вкупни приходи.

Извршната власт наведува дека слободите на граѓаните зависат од силата, знаењето и мобилизацијата на граѓанскиот сектор и само тоа може да гарантира одржлив развој и демократски промени, па затоа ќе биде унапредена околината во која работи и се развива граѓанското општество. За возврат, Владата очекува поддршка на патот на реформите за интеграција во Европската Унија.

„Ќе ја подобриме програмската поддршка преку независен Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество, кој ќе биде задолжен за планирање и управување со средствата за развој на граѓанските организации, преку институционална поддршка и со административна, управувачка, финансиска и програмска независност. Со овој фонд ќе се кофинансираат европските проекти на граѓанските организации, кои се во согласност со стратешките приоритети на земјата, програмските цели на претпристапната помош и со структурните фондови на Европската Унија“, наведува Владата.

Целата процедура за планирање на парите ќе биде реформирана, ќе има консултации за приоритетите, ќе се формираат комисии за да се регулира конфликтот на интереси и ќе се врши евалуација на постигнатото. За да воспостави структурен дијалог со граѓанското општество, владата системски ќе ги вклучи организациите во консултациите и ќе ги поддржи да создадат модел за нивно учество во идната преговарачка ЕУ-структура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот