Викендичка што троши струја како една фабрика, не смее да биде субвениционирана од државата!

ЕВН - струјомери / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Не откривајќи колку ќе им се зголемат сметките на „трошаџиите“ од третиот и од четвртиот блок, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека лично тој смета дека треба „да добијат максимално зголемување, но крајниот збор ќе го има РКЕ“

Оние што имаат викендички или по два-три стана, ќе плаќаат повисоки сметки за струја, бидејќи според сегашната поставеност на пресметките, сите граѓани ги плаќаат нивните луксузи. Во оваа група спаѓаат домаќинствата од третиот и од четвртиот блок и за нив ќе има фиксен надоместок во текот на годината, додека за домаќинствата што се во првиот и во вториот блок (40 до 50 отсто) кои помалку трошат струја, сметките ќе останат исти и од 1 јануари, без разлика какви се барањата на енергетските компании. Не откривајќи колку ќе им се зголемат сметките на „трошаџиите“ од третиот и од четвртиот блок, Министерот Бектеши рече дека лично тој смета дека треба „да добијат максимално зголемување, но крајниот збор ќе го има РКЕ“. Бектеши е дециден дека воведувањето на евтината дневна тарифа во никој случај не е компензација за новата давачка, ами напротив, мотив плус и за оние што трошат повеќе струја, да почнат да штедат. Намалувањето на потрошувачката на енергијата е крајната цел, поентираше Бектеши.

– Ако мене ме прашувате јас лично сум за максимално зголемување на цените за овие два блока. Тие ги користат своите викендички еднаш годишно, а плаќаат исто како нас што живееме постојано во домовите. Ова не е правично и затоа сметам дека некој што троши струја како една фабрика, не треба да биде субвенциониран од државата – подвлече Бектеши.

Тој порача дека имаме правична методологија и според категории граѓани.

– Во состав на Енергетскиот совет речиси веќе една година се работи на нова методологија, со цел да се врати евтината тарифа, воедно на новите давачки, а тоа ќе засега одредени групи граѓани што имаат викендички, по две-три куќи, два-три стана и слично, поради тоа што во делот на наплаќање за дистрибутивната мрежа, повеќе плаќаат тие граѓани што навистина користат електрична енергија, каде што пресметката се применува врз потрошувачката и колку е користено како мрежа. Тие што имаат викендички и користат еднаш, двапати, трипати во годината, тие што не ги користат становите, куќите, дополни Бектеши, ќе го платат тој надоместок, а за граѓаните што навистина користат електрична енергија и имаат еден стан или куќа, ќе се намали ставката за дистрибутивна мрежа. Тоа значи дека имаме правична методологија и според категории граѓани во нашата држава – рече Бектеши.

Во однос на побарувањето на енергетските компании, Бектеши вели дека тие можат да побараат и 500 отсто зголемување во делот на трошоците што ги пријавуваат, но Регулаторната комисија за енергетика ќе реши колку од тие трошоци ќе ги прифати.

– И не е некое големо побарување 27 отсто ако ги споредиме податоците со претходните години на МЕПСО, ЕВН дистрибуција и ЕВН Хоум. Но, нивните барања нема да бидат прифатени и затоа наведов дека цената за домаќинствата и на малите потрошувачи нема да се зголеми од 1 јануари, туку ќе има дополнителна можност со евтината тарифа да бидат намалени – рече Бектеши.

Граѓаните на сметките за струја од 1 јануари идната година, ќе имаат нова ставка „пристап до мрежа“. Не е позната точната сума колку ќе изнесува ова ставка, но се оперира со 50 до 250 денари. Од друга страна, најавено е намалување на ставката за мрежарина.

 Бектеши: Ќе има доволно гас за парното греење

Повеќето граѓани мислеа дека Министерството за економија се шегува кога рековме дека ќе ја тужиме Бугарија за воведената такса пред ЕУ, но она што ние го презентиравме како аргумент пред ЕК и Енергетската заедница се покажа како точно, посочи министерот за економија Крешник Бектеши, прашан за коментар откако Бугарија се откажа од транзитната такса за рускиот гас.

– Граѓаните треба да бидат спокојни, ќе има доволно гас за парното греење, а што се однесува до нашето барање за проширување на капацитетите за гас, тоа е наше принципиелно барање и имаме можност тие да се прошират за 40 до 50 отсто – рече Бектеши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот