Австрија - нафта, цени на горива / Фото: Слободен печат - Зоран Русмир

Виена бара решение за скапите горива – даноци или ограничување на профитот?

Австриската влада разгледува мерки за ублажување на растот на цените на горивата по наглото поскапување на нафтата на светските пазари. Се дискутира за намалување на данокот на горивата или ограничување на профитните маргини на нафтените компании со цел да се намали притисокот врз граѓаните и инфлацијата. Сè уште не е јасно дали коалицијата ќе постигне договор околу тоа која мерка ќе биде применета.

Наглото поскапување на нафтата на светските пазари повторно ја отвори дебатата во Австрија за можно политичко интервенирање во цените на горивата. По новата ескалација на конфликтот околу Иран цената на суровата нафта брент за кратко скокна за речиси триесет проценти и се приближи до сто и дваесет долари за барел што веднаш се одрази врз цените на бензинот и дизелот на европските бензински пумпи. Австриската влада затоа повторно разгледува мерки со кои би се ограничил ударот врз граѓаните и компаниите. Во коалицијата се разгледуваат две главни опции, намалување на данокот на горивата или ограничување на профитните маргини на нафтените компании. Двете решенија имаат поддржувачи, но и критичари, а одлуката може да има значајно влијание врз инфлацијата, буџетот и енергетската политика на државата.

Намалување на данокот како брза мерка

Една од идеите што се разгледуваат во владата е намалување на акцизата на горивата што директно би ја намалило цената на бензинот и дизелот. Канцеларот Кристијан Штоќер од народната партија смета дека ова е најбрзиот начин државата да реагира бидејки механизмот е едноставен и може веднаш да се примени. Во моментов речиси половина од цената на горивата во Австрија отпаѓа на различни даноци. За еден литар дизел данокoт изнесува околу четириесет центи додека за бензинот е повисок. Дополнително од 2022 година се применува и CO2 данок, а на крај се пресметува и данок на додадена вредност. Експертите предупредуваат дека секое намалување на данокот значи и голем трошок за буџетот. Според пресметките на австрискиот авто клуб (ÖAMTC) еден цент пониска цена на горивата може да чини повеќе од сто милиони евра годишно. Од друга страна повисоките цени на горивата носат и поголеми приходи од данокот на додадена вредност па дел од трошокот индиректно се враќа во буџетот. Критичарите сепак велат дека оваа мерка не е социјално праведна бидејќи најмногу корист имаат возачите со голема потрошувачка, а дел од пониската цена ја користат и странските возачи кои полнат гориво во Австрија.

Ограничување на маргините на нафтените компании

Втората опција што се разгледува е воведување таканаречена „кочница“ за цените на горивата, идеја што ја поддржува вицеканцеларот Андреас Баблер од социјалдемократите. Наместо намалување на даноците државата би ги ограничила профитните маргини на рафинериите и на бензинските пумпи. Моделот е сличен на системите кои веќе се применуваат во Словенија и Хрватска. Таму владата на секои две недели утврдува највисока дозволена цена за бензинот и дизелот врз основа на големопродажните цени на пазарот. Рафинериите своите продажни цени ги темелат на меѓународни индекси кои ги пресметуваат агенциите Аргус и Платс врз основа на трансакции пријавени од трговците со нафта.

Кога тие цени растат, растат и цените на горивата на бензинските пумпи. Со ограничување на маргините, државата се обидува да спречи прекумерна заработка во време на криза. Предноста на овој модел е што не бара директни субвенции од буџетот па е финансиски неутрален. Сепак, економистите предупредуваат дека ваквите интервенции мора внимателно да се дизајнираат. Ако цената се ограничи премногу ниско, може да се појави недостиг и проблеми со снабдувањето. Таков пример беше Унгарија во 2022 година кога строг ценовен плафон доведе до празни пумпи и ограничување на продажбата.

Во Словенија и во Хрватска ваквите проблеми досега не се појавија бидејќи ограничувањето е флексибилно и се прилагодува на движењата на пазарот. Сега останува да се види дали австриската коалиција ќе успее да се договори околу заедничка мерка додека цените на нафтата продолжуваат да создаваат притисок врз економијата и инфлацијата. Доколку конфликтот на Блискиот Исток продолжи и цената на нафтата повторно се искачи над сто и дваесет долари, притисокот врз владата за интервенција ќе стане уште посилен. Бизнисот и синдикатите веќе бараат јасна стратегија бидејки повисоките трошоци за енергија брзо се прелеваат во цените на транспортот храната и другите услуги што директно ги погодува домаќинствата низ целата земја. Во наредните денови ќе биде јасно дали Австрија ќе оди по патот на намалување на даноците или ќе се обиде со регулирање на пазарните маргини. Решението ќе покаже колку државата е подготвена активно да интервенира во енергетскиот сектор кога глобалните кризи силно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот