Стефан Михајловски/ фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Михајловски: Не сакав да тренирам кикбокс, а станав светски вицешампион

Среброто од светското првенство во кикбокс од Абу Даби пристигна во Македонија, благодарение на скопјанецот Стефан Михајловски.

Тој се натпреваруваше во дисциплината „кик лајт“ над 94 килограми, победувајќи ги Михал Јанак (Словачка), Мостафа Саад (Египет) и Блаж Поточник (Словенија). Во финалето загуби од Полјакот Рафал Гасчак, но нè направи горди Македоници, развиорувајќи го нашето знаме во Обединетите Арапски Емирати.

Стефан Михајловски/ фото: Приватна архива

Зад успехот на Михајловски се крие љубовната приказна на неговите родители, кои пред повеќе од две децении се запознале токму преку кикбоксот. Михајловски пак, пред камерата на „Слободен печат“ открива дека неговата спортска кариера не започнува со кикбокс.

-Јас почнав да тренирам кикбокс доцна, на мои 13-14 години, претходно се занимавав со кошарка, а кратко се пробав и во ракометот, но за жал не успеав да дојдам до израз ни во едното ни во другото. Татко ми, не можам да речам дека ме форсираше, бидејќи тоа не беше ништо присилно од негова страна, туку ќе речам ме мотивираше да пробам кикбокс, бидејќи тој инсистираше да спортувам нешто. Морам да признаам, не само што не го сакав кикбоксот како спорт, туку немав желба да тренирам ни рекреативно – се присетува тој на своите почетоци.

Стефан Михајловски – кик биксер / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

За кратко време, продолжува Михајловски, почнал да се вљубува во оваа дисциплина.

-По кратко време кикбоксот стана мое секојдневие. Почнав серизоно да навлегувам во сржта и да ги засакувам техниките. Иако првиот натпревар ми беше пораз, тоа не ме обесхрабри, напротив ме окуражи да станувам сè подобар и подобар – вели тој.

Во разговорот нашиот соговорник открива која е причината зошто „за влакно“ му побегна златото на Светското првенство.

-Непосредно пред натпреварот имав сериозна повреда, тоа ми ги намали шансите и силата за подобар резултат. Но, горд сум со постигнатиот резултат. Овде морам да го споменам мојот кондиционен тренер Петар Баснарков, без кој немаше да стигнам до овде – рече Михајловски.

Стефан Михајловски/ фото: Приватна архива

Михајловски може да се пофали со многу титули освоени надвор од границите, како балакснки шампион, европски вицешампион, но она кон што цели е златото на Европското првенство што ќе се одржува во Македонија.

Покрај тоа што ги ниже личните успеси, како вистински спортист тој несебично го пренесува своето знаење и на идните генерации, развивајќи ја љубовта кон спортот преку семејниот клуб, но тој е активен и како спортски едукатор на дечиња во градинки, како една благородна професија на која е посебно горд.

-Треба да ги тргнеме децата од екраните, спортот е вистинската алатка за тоа. Конкретно кикбоксот е убав спорт и со него добро е да се започне од петгодишна возраст – вели тој.

Погледнете го на јутјуб-каналот на „Слободен печат“ овој инспиративен разговор со еден млад човек кој гради светска слава, ваквите ликови би требало да претставуваат идоли за нашите деца, нели?

Стефан Михајловски – кик биксер / Фото: Слободен печат – Драган Митрески
Стефан Михајловски – кик биксер / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот