ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на „Макстил“: Челична дама во светот на челикот

Марија Дуковска Павловска /фото: слободен печат /Драган Митрески

Генералната директорка на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска, вели дека отсекогаш ѝ било предизвик производство и така се нашла на челната позиција на „Макстил“. Марија е од светот на менаџментот, а не металург како што би се очекувало за врвната позиција во челичната индустрија. Но, како што вели, практиката покажала дека добрите теоретичари се добри и за производствениот процес.

– Да дојдам на ваква позиција, некако ми дојде следствено на мојот кариерен развој. Ова е мое трето работно место во производство – вели Дуковска-Павловска.

Во однос на тоа како ја пречекале во компанијата, таа низ смеа вели:

– Знаете, поради позицијата сите мора да бидат фини со мене, но дали така се чувствувале, не можам да потврдам и не можам да очекувам на сите да им биде добредојдена и сите да сакаат да имаат жена директор.

Дуковска-Павловска вели дека производствената хала на „Макстил“ не би ѝ се допаднала на секоја жена. Таа е редовно таму, со целата заштитна опрема.

– Луѓето што би сакале да кампуваат, би се определиле за оваа работа. Чувството да се облече заштитната облека и да се биде дел од една голема група како нашата, која има 997 вработени, и која нешто произведува, е убаво – вели директорката.

Таа објаснува и дека секојдневно се соочува со многу предизвици, затоа што фабрика, само по себе, значи многу динамична работа. А, во тој процес многу тешко за една жена е да ги усогласи приватните обврски со работните.

– Домашните ситуации треба да ги балансираме со овдешните. Тоа е најтешко за жена на раководна позиција – смета Дуковска-Павловска.

Во „Макстил“ има 83 жени, но директорката вели дека нивниот фокус е да покажат дека во оваа компанија може да се најдат многу повеќе жени.

– Мојата порака кон младите жени е да бидат поотворени, да не се залагаат само за канцелариска работа, да се насочат и кон производството, кое има посебна убавина. Им порачувам секогаш да го следат својот сон и да се борат за тоа што сакаат и секогаш да бидат доследни на своите принципи и етички норми. Сметам дека жените имаат доволно можности. Но, колку сме храбри да ги зграпчиме тие можности, тоа зависи од нас – вели Дуковска-Павловска.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот