Ирина Лазарова/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Лазарова: Ќерка ми знае дека работам на некои од нејзините омилени цртани филмови

Ирина Лазарова од Скопје е филмски продуцент, која работи во индустријата за визуелни ефекти (VFX) во Скопје и носи со себе не само големо искуство, туку и феминистички дух. Таа за „Слободен печат“ објаснува како им е на жените во една индустрија во која главно доминираат мажите.

 

FX3X, најголемото студио за визуелни ефекти и анимација во Југоисточна Европа, е основано во 1997 година во Скопје, од страна на Кристијан Даниловски и Миливоје Ѓорѓевиќ. Студиото е познато по работата на големи холивудски продукции како „Еверест“, „Терминатор 4: Спасение“, „Спектра“, „Спајдермен“, „Далеку од дома“ и „Соник: Супер еж 3“, како и многу други познати филмови.

По многу филмски искуства како продуцентски координатор и извршен продуцент на македонски кратки и долгометражни филмови, Лазарова се приклучила во оваа компанија во 2018 година, каде што работи како продукциски координатор во индустријата за визуелни ефекти.

– Да си жена во индустријата за визуелни ефекти е интересно. Во светот 21,6% се жени, некаде 78% се мажи. Мажите се тие што многу порано почнале да се занимаваат со оваа професија и затоа најмногу ги држат супервизорските позиции – објаснува Лазарова.

Ирина Лазарова/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески
Ирина Лазарова/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таа додава дека расте бројот на жени од Македонија кои се приклучуваат во оваа индустрија.

– Може да се пофалиме дека во последните 5 години има навистина поголем интерес и пораст на жени во индустријата за визуелни ефекти, како во продукција, односно, од тоа што јас го работам, така и во другите позиции, односно, артисти за композитинг, за CGI, за анимација – вели Лазарова.

Таа од нејзините осум години имала интерес за оваа индустрија и филмови. Се потсети кога нејзиниот татко ја однел на снимање на еден од најуспешните македонски филмови од времето, „Балкан-кан“.

– Тогаш знаев дека сакам да станам филмски продуцент – додава Лазарова.

Таа вели дека по влезот на FX3X во групата „Cinesite“ во 2022 година, имала можност да работи на некои од најпопуларните и најголеми продукции како што се серијата „Стар трек“ и Марвел филмовите.

– Во FX3X работиме на многу познати продукции. Нашите професионалци се присутни во индустријата повеќе од две децении и горди сме што сме дел од такви големи филмови – додава Лазарова.

Ирина Лазарова/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Се чини дека иако работи во индустрија каде што доминираат мажи, успеала да го пронајде своето место и да ги надмине предизвиците со кои се соочуваат жените во оваа сфера. А тоа што најмногу ја радува е фактот дека нејзината мала ќеркичка се восхитува на нејзината работа.

– Ќерка ми почнува да сфаќа на што работам. И многу ми е интересно кога тоа ќе го сподели со нејзините другарчиња: „Мама работи на филмови и на цртани“ –  додава Лазарова.

Како крајна порака Ирина ги охрабрува сите жени што сакаат специфични професии.

– Среќна сум што живеам во време кога навистина можеш да бидеш тоа што сакаш. Кога ние како жени сме повеќе од кога било слободни да се изразуваме и да станеме тоа што сакаме да станеме – објаснува Лазарова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот