Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Деаноски: Буџетот е најголем досега, не е проблем 3.500 административци да добијат 30 отсто додаток на плата

Владата призна дека платите на јавната администрација не се високи, но не им го признава правото да протестираат за додаток од 30 проценти и за склучување на Колективни договори. Тие го обвинија Синдикатот на УПОЗ кој од вторникот организира предупредувачки получасовни протести во државните институции и служби кои не добија покачување на платите и дојдоа во неповолна и дискриминирана положба во однос на колегите од здравството, образованието, финансии и неколку владини служби кои веќе добија покачување на платите, дека протестите се се малициозни, политички мотивирани и инструирани.

-Мислам дека владата мораше нешто да каже за да не остане молчелива, а од тие обвинувања, кај нема, ниту некогаш ќе има „п“ од политика. Сите наши протести и барања се материјално – економски. Ние се грижиме да ја подобриме материјално – економската состојба на нашите членови, пред сѐ, па дури потоа за сите вработени во управата и правосудството, за што и постои синдикатот на УПОЗ. Владата освен такви декларативни соопштенија дека ние сме политички инструирани и малициозни, што за жал, е многу лош збор да го искористи една влада спрема синдикат и дека тие сакаат дијалог, ние не добивме ниту една покана за продолжување на дијалогот бидејќи ние дијалогот го имавме и го завршивме со ресорните министри од овие институции од каде вработените деновиве излегуваат на протест – вели Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ во гостувањето во емисијата „Слободен печат“.

Синдикалците на УПОЗ протестот денеска го продолжуваат пред Министерството за финансии кое е клучно за оваа дискриминацијата меѓу вработените која се случува во однос на платите во јавниот сектор. Во Министерството за финансии платите се покачија, а владата го користи и аргументот дека во шестмесечниот период од работата на владата на Мицкоски, покачени се платите во здравството, образованието, исплатен К-15 и зголемени се пензиите. Синдикалците очекуваат дијалогот да продолжи, а протестите беа најавени само за оваа седмица.

-Ние денеска во утринските часови поднесовме барање за продолжување на дијалогот директно до премиерот Христијан Мицкоски и очекуваме во наредниот период да оствариме работна средба со него и со министерката за финансии за да најдеме заедничко прифатливо решение за ова наше барање. Барањата за нас се праведни и правични, мислам дека можат да се најдат неколку варијанти за да се изнајде решение кое би било прифатливо и за нас и за владата. Имаше еден поранешен министер кој велеше дека секогаш во буџетот на државата има пари само се погрешно распределени. Такашто ние можеме тоа да го направиме со оние одобрени средства од страна на Министерството за финансии. Моментално институциите со дозвола на Министерството за финансии и со прераспределување на средствата од една ставка во друга ќе се најдат одредени решенија за да можат работниците да добијат некој поголем додаток на плата. Мене не ме фатија за еден збор кажан пред Министерстото „егзодус“, мислам дека егзодусот е веќе започнат, ние треба да го стопираме – вели Деаноски.

Се работи за 3.500 вработени чии плати според синдикатот треба да добијат додаток од плата од 30 проценти односно 6.000 денари зошто кубурат со плата од 25.000 денари, односно кај нив просечната е 29.000 денари и дури и со додатокот повторно би имале пониска плата од просечната во Македонија која сега е 42.000 денари.

-Владата излезе и кажа дека во буџетот има околу 13,8 отсто повеќе предвидено средства за плати од минатата година, меѓутоа ние тоа не го бараме. Тоа вработените во јавниот сектор треба да го добијат во месец март со она што е напишано во Општиот колективен договор. Овде се работи за посебно барање, не за плата, туку за додаток на плата. Буџетот е доволно голем, го имаме најголемиот буџет на државата досега од независноста, а се работи за само 3500 вработени. Не бараме за сите вработени во јавниот сектор. Владата веќе покажа добра волја и се потпишаа нови колективни договори за вработените и во здравството и образованието и таму се покачија платите. Во овие два сектори се вработени над 30.000 вработени, па би требало за 3500 вработени да нема никаков проблем, дециден е Деаноски.

Владата пак повикувајќи ги синдикалците на дијалог нагласува дека тие имале можност на  два претходни Економско-социјални совети да го покренат ова прашање, како соодветно место каде се среќаваат владините министри, синдикалците и работодавачите, а не го сториле тоа.

-Работата на Економско – социјалниот совет не е да ги решаваме поедничните барања на работниците. Таму се решаваат оние барања односно потреби кои ги имаат сите работници во државата, од приватен и од јавен сектор. Ова наше барање може да го решат само ресорните министри и Министерството за финансии. Ресорните министри ни даваат поддршка и тие се свесни дека доколку не се направи ништо ќе имаме поголеми проблеми за работнциите во управата. И токму поради тоа заедно со нив спремивме колективни договори кои тие ги испратија до Министерството за финансии. Јас го разбирам ова министерство бидејќи можеби сега има други приоритети, меѓутоа ако овие 11-12 институции пратат ист предлог на колективен договор, со исто барање можевме да седнеме пред носењето на буџетот и да се договориме, ако не во целост, поединечно на неколку пати, да добијат колегите барем нешто од она што веќе го имаат добиено други колеги од управата – вели Деаноски.

Претседателот на УПОЗ не открива каде, но потврдува дека имало закани со казни и други притисоци врз вработените во државните органи и институции кои протестираат деновиве, но додава дека е голема поддршката за Синдикатот да истрае до исполнувањето на барањата.

– Излезноста е доста голема. Имавме реакција дека многу мал број на вработени излегле, не е така, излегуваат над 90% од вработените во институциите меѓутоа и граѓаните и вие треба да знаете дека вработените во Министерството се најмалата група на вработени во јавниот сектор. И во Државен завод за статистика, и во Државниот архив, оние што излегуваат на протести. На пример, Министерство за културија има само 100 вработени, од тие 100, 85 колеги излегуваат секој ден на протести, за половина на час, а другите 15 мора да останат внатрае за да можат да ги завршат и сервисират работните задачи, оние кон граѓаните и кон приватниот сектор. Го земаве Култура како пример само. Барањето, како што кажав, се работи за многу мала група вработени и може многу лесно да се реши. Притисоци немавме од овие ресорни министри и директори, бидејќи со нив имаме добар социјален дијалог и го знаат нашето барање, а имаме и поддршка. Имавме неколку неколку притисоци во други министерства, меѓутоа, затоа понатаму, мислам дека, ако е потребно, ќе кажам и каде и како и што, мислам дека не е време – вели Деаноски.

Владата освен трпение, од вработените во јавната администрација очекува и поголема продуктивност и ефикасност во работата и во однос на услугите кои им ги пружаат на граѓаните, а не успева редовно да исплати плати во некои сектори. 988 вработените во Инспекторатите се уште не ја примиле декемвриската плата, а оваа појава не е честа, но според Деаноски се случува кога има промени во раководствата на органите.

Синдикалците со министерот за јавна админстрација Горан Минчев ги разгледувале и новите предлог закони кои се однесуваат на администрација. Законот за вработени во јавниот сектори и законот за административни службеници кој меѓу другото треба да донесе нов систем за пресметка на платата.

-Системот за плати за нас е регулиран со Општиот колективен договор. Ако можат функционерите да добијат плата, просек, по коефициент од буџетот, можат и вработените во јавен сектор да добијат плата, просек, по коефициент од буџетот. Нашето барање беше, првиот вработен со високообразование да добие просечна плата, а нашите плати да бидат под коефициентите на функционерите. Видовме и сега дека функционерите по законот за исплата на плати за јавни и именувани функционери, ги замрзнуваат повторно, односно носат политичка одлука, да не брануваат премногу, нема да добијат зголемување на плата, односно усогласување, а тоа не е мало, ќе биде околу 300-400 евра во март месец. Имаме незадоволство и кај самите функционери, меѓутоа тие го прават тоа за да ги држат вработените во јавен сектор и во приватен сектор помирни и да не бараме. Меѓутоа наша работа, како синдикат е секогаш да бараме плус, и токму поради тоа ги бараме овие 30% или зголемување на плата, секогаш сме барале и во Управата или во правосуството, бидејќи знаете и сами, сите пазариме и во маркети и на пазари, дека со нашите плати не можеме да преживееме, дури од месец за месец – дециден е Трпе Деаноски во интервјуто за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот