ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Симеонов: Неспуштен тестис е причина за рак кај млади машки деца
Кои се најчестите интервенции кај деца? Што е детска хернија? Кога е вистинското време да се отстрани? Што е со неспуштените тестиси? Има ли разлика во возраста кога треба да се вратат онаму каде што им е местото? Утрово на овие, но и на многу други прашања во емисијата „Слободен печат“, одговор побаравме од доцент доктор Ристо Симеонов од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Симеонов вели дека најчести хируршки интервенции во детската возраст е ингвиналната хернија или кила, неспуштени тестиси или крипторхизам и акутни воспаленија на слепото црево. Хернијата е вродена состојба, тоа е многу битно за родителите да знаат дека хернија или кила кај нивното дете е вродена состојба.
– Хернијата кај деца не се појавува поради некоја причина, кашлање, повраќање. Се појавува подуетинка заради тоа. Килата е вродена состојба. Неспуштени тестиси, пак се отсуство на тестис во скротално кесе кај машките деца. И трета најчеста интервенција се воспаленија на слепото црево – вели Симеонов.
Тој објаснува дека хернијата статистички е почеста кај машки деца и предвремено родени деца. За родителите најбитно е да проценат дека се работи за ингвинална кила кај нивното дете и уште побитно е да проценат дали таа кила се вклештила.
-Килата во принцип секогаш ја забележува родителот. Тоа е подуетинка од левата или десната страна или од двете страни во предел на ингвиналниот канал. Таа подуетинка може да биде голема колку лешник, до големина на помала мандарина или јајце. Тоа значи дека детето има кила. Килата, односно подуетинката ако се повлекува спонтанно или при благ допир од страна на родителот, значи дека не е вклештена. Ако детето ненадејно почне да плаче, да ги крева нозите кон стомакот, да повраќаа, тогаш килата е вклештена и детето мора веднаш да се носи на детски хирург – вели докторот.
Тој објаснува дека килата е најдобро да се оперира помеѓу третиот и шестиот месец, бидејќи ако се вклешти е животозагрозувачка. За неспуштени тестиси вели дека се честа интервенција кај мали деца.
– Детето при самото раѓање треба да ги има двата тестиси спуштени во скротално кесе. Има состојба на мобилни тестиси, кога тестисите едноставно мигрираат, се движат горе-долу во скроталното кесе. Крипторхизам значи дека тестисот не е во скротално кесе, во кожичката под пенисот, туку е некаде во инвиналниот канал – вели Симеонов.
Тој објаснува дека тестисот прво треба да се најде и да се врати во скроталното ќесе. Ако нема тестис се прави експлорација на инвиналниот канал да се процени дали има остаток од некакво тестикуларно ткиво и ако тоа е неквалитетно, треба да се отстрани.
– Ако не се направи ова, тестисите во пубертет може малигно да алтернираат, многу е ретко, но карцином на возраст од 20 години кај машки деца, може да биде причина заради неспуштен тестис – вели докторот. Тој објаснува дека најидеална возраст за операција е помеѓу шестиот месец и првата година, најдоцна до втората година.
И последната, најчеста интервенција која се прави кај деца, тоа е воспаление на слепото црево.
– Слепото црево има карактеристична клиничка слика. Започнува со дифузна болка во абдоменот и после неколку часа, таа болка се локализира од десната страна на папокот. Има покачена температура, загуба на апетит, гадење, повраќање, малаксаност. Значи клиничката слика си има свој тек. Ако ги има овие состојби, овие знаци, детето треба родителот да го однесе или на педијатар, или на детски хирург – вели Симеонов.
Објаснува дека операцијата најчесто е лапароскопска, а детето си оди дома најчесто по 2 до 3 дена по операцијата. На родителите им препорачува дека секоја болка не е алармантна за носење на детето на лекар. Но доколку болката има други симптоми како секрет од нос, кашлица, покачена температура, секако треба да се посети матичниот лекар, па тој одредува што понатаму.