Миленко Костов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Миленко Костов - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Костов: Постои голема разлика меѓу спондилоза и дискус хернија, на 45 минути седечка работа, правете пауза од пет минути

Во време на компјутери, мобилни телефони, таблети, време кога постојано се седи, сè почести се болките кај младите луѓе во вратната регија. Што е дискус хернија, како се лекува, има ли нови методи на лекување и колку време трае лекувањето, зборуваме со доктор Миленко Костов, неврохирург од приватната болница, „Аџибадем Систина“.

Докторот вели дека вратниот дел од ’рбетот се состои од седум пршлени, а помеѓу секој пршлен, од вториот, кон третиот и надолу, постојат еластични перничиња, ’рскавични, кои се викаат дискуси. Хернија, латински збор, значи одвојување на делот на тоа перниче што го притиска нервот.

– За жал, оваа состојба станува сè поактуелна. Барем еднаш во животот секој од нас ќе пројави ваков тип на симптоматологија. Тоа е седечка болест, се должи на два главни фактори што се поврзани со модерниот начин на работа и живеење. Доколку работите на десктоп, проблемот е во држењето на маусот, доколку работите на таблет или на мобилен телефон, проблем е позицијата на вратот и рацете. Кога работиме пак со маус, имаме континуирано воспаление на нервите во раката и лоша позиција на вратот – вели Костов.

Докторот вели дека затоа се препорачуваат тие паузи во работните активности –  на секои 45 минути, барем 5 минути пауза. Но и покрај тоа, современиот начин на живот ја забрзува дегенерацијата на вратната кичма. Со забрзување на дегенерацијата, први дегенерираат дискусите, состојба во која делот на дискусите е излезен од своето лежиште и притиска на нервот на раката, или пак во полоша варијанта, на самиот ’рбетен мозок. На прашањето има ли разлика меѓу спондилоза и дискус хернија, докторот вели дека разликата е огромна.

Миленко Костов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Миленко Костов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Многу често спондилозата се поистоветува со дискус хернија. Но спондилоза е вообичаена дегенеративна болест, односно стареење на вратната кичма. Спондилозата кај помладите е почеста, бидејќи се забрзува процесот на стареење, додека пак дискус хернија е само доколку дел од тој дискус излезе од своето лежиште помеѓу двата пршлена и притисне некоја нервна структура. Спондилозата е прогресивна и дегенеративна, а дискус хернијата во ретки случаи може да биде и трауматска состојба, при некоја сообраќајка, нагло извртување, поместување на пршлени – вели докторот.

Тој објаснува дека најголем број од вратните, цервикалните дискус хернии, подразбираат делумна промена на начинот на живот, повеќе спортски активности, повеќе читање, водење грижа за здравјето, а самата граница е за жал поместена, порано беше помеѓу петтата и шестата деценија, сега веќе во четвртата деценија.

– Физикалната терапија многу често помага, меѓутоа многу е битно да одредиме во која фаза, односно во кој стадиум е болеста. Така и се одлучуваме дали би правеле нешто хируршки или не. Важно е да се каже дека од 100 луѓе со проблем, 95 нема да бидат за интервенција. Ама поважно е оние што се за интервенција, да се јават на лекар порано и хируршки да ги третираме во вистинско време, бидејќи тогаш настанува добра и успешна интервенција, целосно невролошко закрепнување – вели докторот.

Миленко Костов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Миленко Костов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Интервенцијата не трае долго, се прави со минимален рез, нема лузна, се работи напред на вратот, лузните се невидливи, а бенефитот е инстантен, односно после операцијата, пациентот ќе почувствува ослободување од болките.

На прашањето дали интервенцијата се повторува, докторот вели дека може да се појави над или под местото каде што претходно била направена интервенција, но тоа е многу ретко, бидејќи најчесто луѓето почнуваат да се грижат за себе, бидејќи тоа е сепак неврохируршки зафат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот