ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Башески: Би сакал новата скулптура да биде над 20 метри и да се најде на Галичица

Жарко Башески -скулптор\ фото: Методиј Здравев/Слободен печат

„Ecce Homo Macedonicus: Осмо светско чудо“ е новото дело на скулпторот Жарко Башески, која за јавноста ќе биде претставена на 12 август со почеток во 20 часот во Научниот уметнички центар „Куќата на Уранија“ при МАНУ во Охрид.

„Слободен печат“ беше во посета на ателјето на авторот, каде што одблизу ја видовме и ја допревме новата скулптура. Башевски при изработката на ова дело за првпат користи поинакви материјали од стандардните со кои се занимавал досега, како смола, силикон, полиестер.

– Се обидов со сосема поинакви материјали да jа оживеам мојата, можеби, најпозната скулптура „Ordinary man“. Овојпат, за првпат, при изработката употребив бронза и челик, сакав да го добијам тој огледален момент, да може набљудувачот да се види во скулптурата. Подоцна, по долги години дискусија, со Плевнеш сфативме дека овој е вистинскиот момент да се спојат мојата скулптура и неговото најпознато дело романот „Осмо светско чудо“, па така настана идејата за „Ecce Homo Macedonicus: Осмо светско чудо“ да стане преку 20-метарско уметничко остварување. Посакувам да се најде на Галичица, симболично човекот да се издига од планината, а позади него да се гледаат двете езера. На тој начин сакам да ја покажам врската помеѓу човекот кој гледа нагоре, небото, водата и земјата – вели за „Слободен печат“ Башески.

Според Башески ова дело би било вистинска атракција за туристите и би ја претставувало Македонија низ целиот свет, а истовремено, како што вели авторот, би симболизирало и колевка на цивилизацијата.
Куратори на изложбата, која ќе трае до 27 август, се Јордан Плевнеш и Венко Андоновски.

Кога писателот Андоновски првпат ја видел скулптурата се шокирал затоа што скулптурата не е цела.

– До половина е! Но, ако не е цела не значи дека не е целосна. Некогаш половините се поцелосни и од целините (како наша разделена Македонија), и тука е уметноста магија на исцелувањето на она што е нецело или отштетно! Ако внимателно ја погледнете оваа скулптура, ќе ви се стори дека таа е сè уште во настанување, како да е некој вселенски незавршен проект во вечна мена и промена, како и наша духовна Македонија, прапостојбина на словата, писменоста и уметностите, незавршена духовна постојбина која во моментов има некое повторно привремено и неважно уставно име за службена употреба – пишува Андоновски.

Башески посакува надлежните да ја препознаат големината на ова дело, да ја разберат пораката и да има поддршка околу реализацијата на идејата.

– Свесен сум дека нема да биде едноставно, ова е навистина сериозен и комплициран проект. И државата мора да застане зад оваа идеја. Очекувам тежок процес. Пред сè ми е важно да ја разберат скулптурата. Ова не е споменик, треба да се разграничат тие работи. Искрено се надевам дека ќе наидам на разбирање. А, публиката ќе ја разбере, знам, но тие немаат моќ за да го направиме заеднички проектот – рече Башески.

Изложбата „Ecce Homo Macedonicus: Осмо светско чудо“ претставува дел од годинешната програма на МАНУ и вклучува и десетина веќе познати дела на авторот.

Целиот разговор погледнете го во продолжение:

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот