ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Антонио Илиоски: Концертот на Едвард Елгар, за првпат во Македонија со Битолскиот камерен оркестар е историски момент за нас
Во студиото на „Слободен печат“ гостуваше нашиот млад и перспективен виолончелист Антонио Илиоски, кој овој пат има убав повод за гостувањето. На 14 април, понеделник тој ќе настапи како солист со Битолскиот камерен оркестар во Офицерскиот дом во Битола, на концертот „Романтична Едвардова вечер“. Присутните ќе имаат можност да слушаат дела од двајцата романтичари, Едвард Елгар и Едвард Григ, а концертот ќе биде под диригентската палка на маестро Владимир Димовски. Со Антонио зборувавме за неговите досегашни успеси, за амбициите, љубовта кон Македонија и плановите за следниот период.
Препорачано
За оваа соработка, Антонио вели дека му е исклучителна чест и дека да се отсвири овој концерт е предизвик за секој виолончелист во светот.
– Во Софија го свирев концертот пред 2-3 месеци. Деан Цветковски, којшто е моментално директор на Битолскиот камерен оркестар, зборуваваме да го отсвириме истиот концерт во Македонија, но тој ми кажа дека тие се камерен оркестар, односно без дувачи, само гудачки оркестар. И од таму дојдовме до информацијата дека, всушност, првпат во историјата на македонската музичка сцена ќе се случува вакво нешто. Ова е епско голем историски момент за нас, за виолончелото во Македонија, за мене можеби еден од најголемите и најдрагите моменти во мојата кариера што ми се случиле. Да бидам првиот што ќе го отсвири концертот на Едвард Елгар, за првпат во Македонија за гудачки оркестар и соло виолончело – вели Антонио.


