Видеоинсталацијата „Вкрстени избори“ на Тања Балаќ ќе биде претставена во Чифте амам

Фотографија од филмот „Знаци на вкрстување“

Самостојно претставување на уметницата Тања Балаќ ќе се одржи на 19 мај (петок), во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам. Станува збор за мултимедијален проект – видеоинсталација насловена „Вкрстени избори“ („Crossing Choices“, 2023), која се состои од слика, фотографија, инсталација и видео.

Текстот во каталогот за изложбата е на проф. д-р Ивица Иван Џепароски и се однесува на експерименталниот филм со наслов „Знаци на вкрстување“ („Crossing Signs“), оформен врз основа на ликовната подлошка на сликарските дела на Тања Балаќ и на анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов.

Филмот е неодамна селектиран од огромниот број пристигнати дела од страна на стручното жири во рамките на 13. издание на Интернационалниот фестивал за видеоарт „Магмарт“ од Неапол, Италија. На тој начин овој седуминутен филм, заедно со уште 31 сродно дело, стана составен дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ и на „Магмарт“, меѓународен фестивал на видеоарт на кој во изминатите години учествувале повеќе од 1.400 уметници од над 80 различни земји од светот.

На отворањето на изложбата во Чифте амам ќе се обратат директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими, и универзитетскиот професор д-р Ивица Ивaн Џепароски.

– На границата и на преминот од сликарството кон ангажираниот документарен филм, но и кон уметничкиот видеоарт, може да се толкува последното остварување на Балаќ, филмот „Знаци на вкрстување“ („Crossing Signs“), дело кое е во непосредна творечка и имагинативна врска и со нејзините претходни документаристички и видеоарт остварувања… А токму овој последен филм на Балаќ како да отвора и едно далеку поинтригантно прашање сврзано за односот меѓу уметноста и стварноста, имено, што се случува кога се остварува вкрстувањето на брзината и на забрзувањето на светот – со возвишеноста и со бавноста на уметноста и на видеоартот? – пишува Џепароски.

Фотографија од филмот „Знаци на вкрстување“

Според него, во филмот „Знаци на вкрстување“ како да се остварува постмодерното чувство на возвишеното што нè воведува во еден свет на негативната дијалектика и на фасцинирачката отуѓеност, свет во кој човештвото како да е распнато на крстот на уништувањето – било да станува збор за глобалното еколошко уништување или, пак, за глокалната (глобална ем локална) општествена аномија и бесчувствителност.

Тања Балаќ (Скопје, 1968), од своето дипломирање на одделот за сликарство во 1991 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (ФЛУ) и магистрирањето во 2008 година на истиот факултет, па сè до денес, со иста нестивнувачка енергија се вградува во нашата современа уметничка сцена, постојано стилски и жанровски експериментирајќи, со што успешно го оформува и својот уметнички и својот професионален статус.

Балаќ е активен член на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а подоцна, во периодот од 2006 до 2013 година, е и негова претседателка. Таа има остварено и многубројни професионални посети надвор од границите на својата земја, а меѓу нив треба да се истакне студиската посета на Париз во 2003 година.

Своето професионално и уметничко искуство Балаќ го оформува и постојано го збогатува и надградува и преку учествата на бројни меѓународни фестивали и изложби во Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција итн., а таму повеќекратно се здобива со низа меѓународни признанија и награди.

Покрај своите основни определби во рамките на сликарството, Балаќ, во новиот век, активно истражува и на полето на новите медиуми и на видеоартот, но се пројавува и со свои инсталации, како и со експериментални и документарни филмови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот