ВИДЕО+ФОТО | Професија од минатото: „Живи будилници“, ги буделе луѓето за работа тропајќи со стап по прозорците

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Во времето на индустриската револуција во Велика Британија и Ирска имало луѓе кои заработувале будејќи ги луѓето утрото пред смената бидејќи будилниците во тоа време не биле толку прецизни, па дури на многумина не им биле ниту ценовно достапни.

Верувале или не, луѓето порано заработувале како „живи будилници“. Имено, во Велика Британија и Ирска, во времето на индустриската револуција, кога будилниците сè уште не биле ценовно достапни и сигурни, постоела професијата „тропкач“, која во буквална смисла била личност која ќе ви тропне за да се разбудите и на време да одите на работа, пишува Би-Би-Си.

Така отприлика тоа функционирало. Тоа биле луѓе кои носеле палка или долг стап за да тропаат на вратите на клиентите. Овие стапчиња често биле направени од бамбус и биле многу долги, за да можат да стигнат до прозорците на повисоките катови, бидејќи и луѓето што живееле горе им биле клиенти и морале да се разбудат. Во некои случаи, наводно биле користени и стапови со кои во зорите се гаснеле гасните светилки кои биле дел од уличното осветлување.


Генерално, оваа работа ја работеле постари мажи и жени, но забележано е дека понекогаш тоа го правеле и полицајците и на тој начин обезбедувале дополнителна заработка за време на утринските патроли. Некои од нив тропале додека не се уверат целосно дека клиентот се разбудил (барем додека не се појавил на прозорецот), иако во повеќето случаи тие тропнувале по неколку пати на прозорецот и продолжувале понатаму. За тоа добивале по неколку пени неделно од своите клиенти.

Според достапните записи, во некои делови на Обединетото Кралство потребата за ваков начин на будење се задржала се до 70-тите години на минатиот век, иако професијата реално започнала да изумира уште во 40-тите и 50-тите години. Според некои записи, последниот „жив будилник“ била г-ѓа Моли Мур, ќерка на г-ѓа Мери Смит, која исто така ја вршела таа работа и послужила како модел за сликовница посветена на неа и на таа професија.


Инаку, мајката и ќерката користеле посебна техника, односно не тропале по прозорците. Наместо тоа, имале долга гумена цевка со дупка, како дувалка за ситно топче, низ која дувале и гаѓале во прозорците на своите клиенти.

Интересно е и тоа што рударите во малото гратче Ферихил, во округот Дурам, на таблите од своите куќи пишувале со креда кога им започнуваат смените, за да можат „живите будилници“ да ги разбудат навреме. Овие плочи биле познати како распоред за будење.

Погледнете како тоа изгледало во видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот