ВИДЕОАНКЕТА: Колку се задоволни граѓаните од своите плати?

Додека работниците бараат зголемување на минималната плата и подобри услови за живот, прашањето што значи „пристојна плата“ сè почесто се отвора во јавноста.

Вчеравечер се одржа протест на кој се собраа илјадници незадоволни работници, предводени од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Тие бараат минималната плата да се зголеми на 600 евра, а сите останати плати да пораснат за 6.000 денари. Од Синдикатот побараа до крајот на идната недела пратениците да го изгласаат зголемувањето.

„Слободен печат“ ги праша граѓаните како живеат со сегашните примања, дали се задоволни од платите што ги земаат и дали ги поддржуваат протестите.

Дали платите се доволни?

Голем дел од анкетираните сметаат дека платите не го следат растот на цените и трошоците за живот.

„За нашите стандарди и за цените што се во Македонија, платите треба да бидат повисоки. Во секое семејство има ученици или студенти и со овие приходи е тешко да се издржи“, вели една млада девојка.

Други велат дека ја поддржуваат борбата за повисоки примања.

Дел од граѓаните отворено ја поддржуваат иницијативата на синдикатите.

„Го поддржувам протестот. Не треба ни да се протестира – платите треба да се зголемат. Луѓето не можат да живеат со ова што го земаат“, вели еден од анкетираните.

Има и такви што сметаат дека товарот не треба да падне само врз работниците.

„Луѓето навистина немаат пари. Газдите возат луксузни автомобили, а ние со плати едвај врзуваме крај со крај. Ако се зголемуваат платите, тоа треба да важи за сите“, вели еден граѓанин.

Некои граѓани, пак, предупредуваат дека зголемувањето на платите може да донесе нов бран поскапувања.

„Секој сака поголема плата, тоа е нормално, особено поради инфлацијата. Но, зголемување на платите може да значи и нова инфлација“, објаснува една госпоѓа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот