Фото: Facebook / Filharmonija

ВИДЕО | „Тешкото“ одекна во Златната сала на „Музикферајн“ во Виена: Стоечки овации за музичката изведба на Македонската филхармонија

Македонската филхармонија одбележа 80 години од формирањето на оркестарот со концерт во Златната сала на една од најзначајните светски концертни сцени, „Музикферајн“ во Виена – место каде традиционално се одржува и новогодишниот концерт на Виенската филхармонија.

Оркестарот, заедно со солистите Ана и Игор Дурловски го освоија срцето на виенската публика. Дурловски маестрално ги изведоа македонските песни „Кажи Анѓо“, „Дејгиди луди млади години“, „Калино моме“ и уште неколку познати композиции, сите во уметнички аранжмани на композиторот Сони Петровски.

Под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски од Израел, Македонската филхармонија ги изведе делата „Симфонија бр. 8“ од Антонин Дворжак и „Македонска парафраза бр. 2“ на Бете Илин, а беше изведено и „Тешкото“ од Глигор Смокварски – изведба која предизвика силни емоции и бурни реакции кај публиката.

На официјалниот фејсбук-профил на Филхармонија беше споделено видео од моментот на изведбата на „Тешкото“ која никого не остави рамнодушен.

„Преполна сала. Стоечки овации. Виена на нозе и со бескрајно долг аплауз ја поздрави беспрекорната музичка изведба на Македонската филхармониј. Синоќа, на сцената на една од најпрестижните концертни сали во светот, во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство. Музичарите од нашиот оркестар, заедно со фантастичните Ана и Игор Дурловски го освоија срцето на виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше посебно воодушевена од делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на композиторот Сони Петровски. Синоќа во “Златната сала” на ‘Музикферајн’ се слушна душата на една мала земја со големо срце. Македонија блесна таму каде што музиката е религија, а уметноста начин на живот. Со овој концерт уште еднаш потврдивме дека вистински амбасадори на нашата земја не се политичарите, туку уметниците, оние што преку музиката ја носат сончевата светлина на нашата земја во целиот свет“, пишува во објавата на Филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот