ВИДЕО | Средношколците бараат разврска: Лажните дојави предизвикуваат тензии и немири меѓу учениците

Лука Павиќевиќ, претседател на Сојуз на средношколци/Фото: Слободен печат/Мето Здравев

Вчера нови дојави за бомби испразнија дел од скопските средни училишта. МВР утврди дека сите досегашни закани биле лажни.

Веќе четврта недела како учениците повеќе се евакуираат отколку што посетуваат настава. Стравот и револтот кај родителите е огромен, исто како и кај нивните деца.

Претседателот на Сојузот на средните училишта – Лука Павиќевиќ, упати апел до институциите во најбрз можен рок да ги пронајдат сторителите, потенцирајќи дека менталното здравје кај неговите соученици веќе е нарушено.

-Дојавите на бомби не само што ја попречува тековната настава, туку го оптеретуваат и полицискиот систем, особено ако се знае дека екипа треба да се испраќа во најмалку осум училишта секој ден. Не само што се губи настава, дополнително се создава тензија и веќе е нарушено менталното здравје кај учениците. Упатувам уште еден апел до надлежните институции, што е можно побрзо да го најдат сторителот кој стои зад овие пријави, без оглед дали истиот е од Македонија или странство. Покрај учениците, морам да потенцирам дека и професорите се оптоварени со ваквите настани. Знаете, самата помисла дека во вашето училиште има поставено бомба е премногу страшна! Затоа, анализирајќи ги геополитичките околности, мора да сфатиме дека темата е доста сериозна, изјави Павиќевиќ за „Слободен печат“.

Вчера и министерот Оливер Спасовски во „24 анализа“ на ТВ24 изјави дека е карактеристично што заканите се појавуваат во среда, четврток и петок и само во одредена смена на ученици и наставници и тоа се дел од аспектите кои се анализираат. Спасовски потенцираше дека во истрагата и во обезбедувањето на информации и докази се вклучени сите капацитети на повеќе сектори на министерството за внатрешни работи, а наскро очекува и целосна завршница на истрагата.

Учениците и професорите се наоѓаат пред голем предизвик, откако Министерството за образование и наука соопшти дека наставата во средните училишта во Скопје каде во изминатите денови имаше повремени прекини, мора да продолжи, а училишните раководства кои се најодговорни за квалитетен и безбеден воспитно – образовен процес, согласно позитивните правни прописи, имаат должност да изнајдат начин и до крајот на првото полугодие да ги надоместат пропуштените часови.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот