ВИДЕО | Скандал во манастир кај Ресен – игуменот од ракав фрлаше анатеми на вештачката интелигенција и на ковид-вакцините
Во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Јанковец кај Ресен, богослужбата за Недела на Православието предизвика силни реакции меѓу верниците. Причината е читањето на анатеми во кои, покрај традиционалните формулации од црковниот Синодикон, беа спомнати и современи теми како вакцинацијата против Ковид и вештачката интелигенција.
Препорачано
Анатемите ги прочитал игуменот на манастирот, јеромонахот Спиридон, како дел од службата. Како што може да се види од објавеното видео на порталот Религија, по секој прочитан дел малата група верници во храмот одговара во хор со зборовите „Анатема! Анатема! Анатема!“, што е традиционален одговор на ваквото читање.
Станува збор за Синодиконот на Православието, текст што се чита еднаш годишно, на првата недела од Великиот пост. Во него со векови се осудуваат ересите и оние кои ја прогонувале Црквата. Но, според извори од МПЦ-ОА, во манастирот во Јанковец дел од текстот бил дополнет со формулации кои не се дел од официјалниот црковен текст.
Еден од деловите што предизвика најмногу реакции се однесува на пандемијата. Во прочитаниот текст се спомнува дека анатема треба да ги снајде „оние кои под присила, принуда и уцени ги терале луѓето да се вакцинираат против ковид“.
Познавачи на црковните правила велат дека ако ова се толкува буквално, таквата формулација би можела да се однесува и на лекари, научници и здравствени работници кои за време на пандемијата повикуваа на вакцинација.
Во читањето се појавува и анатема поврзана со технологијата. Во храмот било изговорено дека анатема ги снаоѓа „оние кои со магии ги повикуваат демоните и се поклонуваат и се надеваат на вештачката интелигенција“.
Друг дел од текстот се однесува на односот кон власта. Во него се вели дека анатема ги снаоѓа оние кои не веруваат дека владетелите се поставуваат на престолот по Божјо провидение и кои се бунтуваат и повикуваат на промени.
Според извори од МПЦ-ОА, текстот на Синодиконот е строго утврден и не смее да се менува или дополнува.
„Свештеник не може во богослужба да додава формулации кои не се дел од службата“, коментираат за Слободен печат познавачи на црковните правила.
Јеромонахот Спиридон порано служел во манастирот Лесново, потоа извесно време бил и во Осоговскиот манастир, пред да се пресели во Преспанско-пелагониската епархија, каде сега раководи со манастирот во Јанковец.
Надлежниот епископ претспанско-пелагониски г. Петар не беше достапен за коментар и не одговори на нашите повици.


