ВИДЕО | Симоновски: И кога ќе се вработат новите 20 пожарникарите, ќе недостасуваат уште 179 пожарникари во Скопје

Владимир Симоновски- командант на Противпожарна бригада

Дури и да се вработат 20те пожарникари од огласот за вработување кој го стопираше градоначалничката Данела Арсовска, пак ќе недостасуваат уште 179 пожарникари за да се задоволи потребниот број пожарникари кој е законски предвиден и треба да одговара на бројот на жители во Скопје. Ова денеска во Утрински брифинг го изјави Командантот на противпожарната бригада, Владимир Симоновски.

Откако градоначалничката Данела Арсовска го стопираше огласот за вработување на пожарникари, истиот е повторно распишан, а очекувањата се дека до Нова Година ќе бидат вработени новите 20 пожарникари.

– Огласот за вработување на 20 нови пожарникари беше распишан пред локалните избори. Во текот на изборите огласот беше стопиран во втора фаза пред физичката проверка на кандидатите. По поништување на огласот, градоначалничката Арсовска го реобјави истиот оглас. Огласот е стигнат до фазата за физичката подготвеност на кандидатите  и се надевам дека до крајот на годината ќе бидат вработени новите 20 пожарникари. Сепак, со оваа бројка ние нема да го пополниме бројот на пожарникари кој е задолжителен, односно 383 пожарникари. Во моментов во Скопје има 184 пожарникари, вели Симоновски.

Од Град Скопје објаснуваат дека огласот за прием на нови пожарникари бил поништен согласно Законот за Локална самоуправа поради недостатоци.

– Јавниот оглас за прием на 20 нови пожарникари во Бригадата за протипожарна заштита беше поништен затоа што по неговото објавување, од месец јули оваа година, била спроведена само постапката за прибирање на пријави и документи и понатаму не биле спроведени никакви активности од предвидените во конкурсот, кој е поништен согласно Законот за Локална самоуправа поради недостатоци. Градот Скопје веќе објави оглас кој е објавен во три дневни весници и на веб страната на Град Скопје. Со тоа во целост се исполнуваат сите предуслови за спроведување на фер постапка за избор на соодветен кадар во ППБ на Град Скопје, за која се предвидени бројни проекти во програмата за модернизација, кадровско и техничко унапредување, велат од Градот.

Командантот ги негира тврдењата дека на пожарникарите не им се исплатувало К-15 и ноќен труд.

– Колективниот договор е од времето на градоначалникот Коце Трајановски.  Синдикалните претставници го имаат тоа право да преговараат за самиот договор. Но, морам да нагласам дека исплаќањето на К-15 и останатите додатоци во изминативе години се одвиваше редовно. Како пример ќе ги посочам пожарите кои се одвиваа летово, кога дел од пожарникарите работеа и по 36 часа. На сите до еден им се исплатени сите прекувремени работни часови, уверува Симоновски.

Ако во минатото најголем број пожари имало во летните месеци, во последно време како последица на несоодветна употреба на пиротехнички средства, и во зимските месеци бројот на пожари е значително зголемен. Командантот на противпожарната бригада во Скопје, Владимир Симоновски вели дека периодов зачестени се интервенциите поради неисчистени оџаци, електрична инсталација, а причинител на пожарите честопати се и новогодишните светилки.

– Огнометите, петардите и ракетите се чести причинители на пожари. Затоа ние апелираме доколку се употребуваат пиротехнички средства, истите да се користат според упатствата. Категорично ќе кажам дека при напуштање на домот новогодишните светилки мора да се исклучат, бидејќи работат на електрично напојување исто како и сите други електични уреди. Загревањето на светилките може да предизвика палење, а ако се поставени врз елката многу набрзо може да се прошири пожарот, предупредува Симоновски.

Тој вели дека пожарите од оџаците во последните неколку години се намалени како резултат на субвенциите што Градот ги дава за чистење оџаци.

– Доколку оџакот се чисти пред почетокот на грејната сезона и по завршувањето на грејната сезона ќе бидете безбедни, вели командантот на противпожарната бригада.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот