ВИДЕО | СДСМ: Дали власта спрема огромна корупција: Ќе соработува со Казанџи Холдинг, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана?

Со огромна загриженост ја информираме јавноста дека владејачката партија подготвува уште еден срамен чин на предавство на националните интереси, велат од СДСМ.

 Наместо да спроведе транспарентна и законска постапка за изградба на новиот дистрибутивен систем за природен гас, како што е наведено во Законот за енергетика, кој самите го донесоа во парламентот во мај годинава, Владата зад затворени врати подготвува потпишување на нелегален меморандум за соработка. Овој потег не е само заобиколување на Законот за енергетика, туку е и директен удар врз енергетската иднина и безбедност на Република Северна Македонија. Замислете во земјите од ЕУ граѓаните се исклучуваат од природниот гас и своите гасни бојлери ги заменуваат со топлински пумпи, а кај нас допрва ќе се градела дистрибутивна мрежа на гас. Сите развиени земји од ЕУ го спроведуваат јасниот план за намалување на употребата на природниот гас во домаќинствата, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

Извор: Фајненшал тајмс

Таа упати прашања до премиерот и министерот за енергетика.

Зошто се заобиколува членот 94 од Законот за енергетика, кој јасно налага изборот на партнер за изградба на дистрибутивната мрежа да се врши преку транспарентна тендерска постапка? Чии интереси ги штити власта кога за стратешки партнер избира компанија која веќе е фатена и откриена во истраги за поткуп и сомнителни зделки? Дали власта спрема огромна курпција: Ќе соработува со Казанџи Холдинг, чија ќерка фирма АКСА ЕНЕРЏИ е обвинета за корупција во Гана? Дали овој меморандум е цената што треба да ја платат граѓаните за нечии лични и партиски бизнис интереси? Дали имате направено анализа за потребите од електричната енергија како и од природниот гас, со потребните сценарија како би се реализирала инвестицијата? Дали подготвивте Стратегија за развој на енергетиката за следните 20 години, што ви е обврска по законот за енергетика. Што доколку граѓаните не сакаат да се приклучат на природен гас, имајќи во предвид дека, сите релевантни анализи покажуваат дека овој енергенс е најскап за користење за граѓаните. Што му ветивте зад затворени врати, на странски инвеститор, за да вложи 1 милијарда евра?, прашува СДСМ.

Од партијата бараат итно и неотповикливо откажување од намерата за потпишување на каков било меморандум со споменатата компанија, целосна транспарентност за сите досегашни преговори и активности поврзани со овој проект, безусловно почитување на законот и јавна дебата за развојот на енергетскиот сектор.

Нема да дозволиме иднината на нашите граѓани и енергетската стабилност на државата да бидат заложници на криминални и нетранспарентни договори. Нашата борба за владеење на правото и заштита на јавниот интерес продолжува, велат од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот