ВИДЕО: Родител се жали дека наставничка му го тормози детето, таа негира, се вклучува и Просветниот инспекторат

Јовица Страшевски, родител на шестоодделенец во основното училиште „Војдан Чернодрински“ за „Слободен печат“ вели дека неговиот син бил психички вознемируван од двајца наставници во училиштето, наставничката по македонски јазик Жаклина Трајкоска и наставникот по музичко образование Марио Лазаров. Тој вели дека неговиот син во текот на целата учебна година бил навредуван и исмеван, а откако пријавил во училиштето за таквото поведение, ситуацијата се влошила. За тоа го информирал и училиштето, односно поднел приговор, a во изјава за „Слободен печат“ вели дека наставничката по македонски јазик му велела на неговото дете дека е грдо и дека има грд ракопис.

„Наставничката по македонски јазик континуирано во текот на целата учебна година врши емоционално и психичко насилство со исмевање, омаловажување, озборување, навредување, ословување со погрдни имиња и дофрлање и потсмевање. Таа во континуитет му укажувала на син ми дека има грд ракопис пред сите ученици во одделението, му ја фрлала тетратката на земја заради погоре наведеното, го има омаловажувано на час пред целото одделение на начин што на висок тон го терала да ги извади и испразни џебовите од панталоните, да ја дигне маицата, му го истурила целиот ранец со сите работи во него на подот, со изговор дека се сомнева дека препишува. Откако ништо не нашла од нејзиниот сомнеж, со исмевање си продолжила како ништо да не се случило“, пишува во приговорот од Страшевски до училиштето.

Наставничката во целост ги отфрла ваквите тврдења и е изненадена од нив.

-Во животот не ми се случило да фрлам тетратка на дете, такво понижувачко нешто, детето да се почувствува повредено, тоа – не! Ученикот никогаш не бил опоменат за наводно грд ракопис бидејќи пишува убаво, читко и разбирливо. За наводите од родителот дека сум велела дека ученикот бил грд, напротив детето има убав лик и секогаш ми бил симпатичен. Тие наводи ги отфрлам како целосно невистинити. За наводите дека на ученикот му бил истурен ранецот и му била кревана маицата и одземен тестот, тоа е апсолутна невистина. На писмените работи се проверува само под клупа и ранците барам да бидат затворени. На почетокот, кога ги дознав обвиненијата од родителот, бев во шок, изненадена и навредена. Потоа, очевидци односно образовната асистентка која е присутна на часовите, на наставата заедно со мене, напиша изјава за тоа на какво мое поведение сведочи на секој час. Таа изјави дека на часовите по македонски јазик никогаш не забележала поразлично однесување врз ученикот во споредба со другите и немало елементи за емоционално или психичко насилство. Исто така и класниот раководител по разговор со останатите ученици во класот, дошол до сознанија дека не е правено никакво психичко, емоционално и социјално насилство, изјави за „Слободен печат“ наставничката по македонски јазик Жаклина Трајкоска.

Страшевски е дециден дека не бара повисоки оценки за неговиот син, туку целта му е да се промени однесувањето кон него. „Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт и со наставникот по музичко образование Марио Лазаров, со барања за средби, изјави и коментари, но без успех. За него поплаката е дека на ученикот му велел дека родителите му се спанковци и неодговорни, затоа што ученикот доцнел на час неколку пати и дека „доколку родителите не се способни да го носат на училиште, тој ќе го носел и враќал“. Случајот е распореден кај инспектор од Државниот просветен инспекторат, a ученикот бил на преглед кај психијатар во два наврати поради вознемиреноста.

„По добиена претставка од родител, на 30 јуни извршен е вонреден инспекциски надзор во ОУ Војдан Чернодрински – Карпош. Од извршениот надзор сочинет е записник а со цел утврдување на фактичката состојба издадено е решение со наредна мерка да се започне дисциплинска постапка за двајца наставници од училиштето“, велат од Државниот просветен инспекторат за „Слободен печат“.

Професорот по етика Трајче Стојанов, коментирајќи во општ контекст, вели дека училиштата претставуваат сложена заедница и независно од тоа што се регулирани со законски и подзаконски акти, сепак се јавува потребата односите внатре да се регулираат во сферата на моралноста.

-Но наставничката професија кај нас за жал уште не е до крај регулирана. За жал немаме професионално здружение на наставници односно комори, кои што би го регулирале поведението и немаме унифицирани етички стандарди според кои би се воделе наставниците. Училиштата понекогаш самите носат етички кодекси но треба да има еден унифициран кодекс за да се заштитат и наставниците и учениците. Затоа што, тоа се сложени односи и етички кодекс треба да ги пропише сите мерки на поведение и да ги предвиди сите можни ситуации и да ги предвиди сите механизми кои би требало да се „отклучат“ кога ќе биде нарушена некоја етичка норма, вели Стојанов.

Тој додава дека многу често нашите училишта страдаат од тоа што докрај или доследно не се „отклучуваат“ сите мерки на заштита.

-Во смисла, ако наруши одредена етичка норма, се вклучува педагогот, ако не психологот, ако не други органи итн. Тој ланец на дејствување кај нас често затајува и кај нас често доаѓа до вакви несакани ситуации, во кои често е тешко да се даде етичка оценка затоа што немате норма на основа на која ќе ја засновате таа етичка оценка. Во секој случај наставникот е возрасниот кој што го води детето низ тој процес и треба да биде свесен дека наставничката професија е првенствено етичка професија и треба со многу сензибилитет да се пристапува на процесот на настава, додаде Стојанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот