ВИДЕО | Репортажа: Пандемијата не го згасна македонскиот мерак за Врање

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Македонци кај нас доаѓаат често, многу се позитивни и со нив имаме одличен однос. За време на пандемијата малку се повлекоа, но сега верувам дека ќе доаѓаат почесто, бидејќи состојбата полека се враќа во нормала.

Овие зборови на угостител од кафеана од центарот на Врање ја отсликуваат атмосферата од изминатиот викенд во овој град во Јужна Србија, на 90-ина километри од Скопје.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По неколкуте написи дека македонски државјани навалиле во градот на опеаната Коштана, екипа на „Слободен печат“ го посети ова симпатично место, за кое велат дека е „град со душа“. Се уверивме во тоа. Гостопримливоста, позитивниот дух и насмевката на тамошните жители, но и непосредната близина до нашата граница, се дел од причините поради кои наши граѓани редовно го посетуваат Врање, дури и во пандемиски услови. Нашата саботна посета на Врање ја започнавме со кратка прошетка во центарот на градот. Разговаравме со дуќанџиите, кои велат дека иако во намален број, Македонците за викенд доаѓаат на шопинг.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Доаѓаат, секако, секој викенд се овде и купуваат. Се распрашуваат и за градот Врање, за кафеаните, сакаат секој викенд да искусат нешто ново. Се интересираат доста и за попустите кои ги има многу во продавниците низ градот, како за гардероба, така и за обувки. Најмногу доаѓаат и поради гостопримството на домаќините – вели продавачка на бутик за гардероба во Врање.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Друг продавач, пак, вели оти Македонци има, но дека пред пандемијата имало многу повеќе, а дека овде можат да купат и работи што ги нема кај нас.

– Имаме стока произведена во Турција, со пристапни цени, која ја нема „долу“, затоа ја купуваат од кај нас. Македонците најчесто доаѓаат во сабота. До пред неколку денови имавме и попусти, но генерално доаѓаат поради близината – раскажува продавач во еден од бутиците кои ги посетивме.

По прошетката во центарот на градот, се упативме кон маркетот од германскиот синџир „Лидл“, каде што покрај домашни гости имаше и повеќе посетители од Македонија и од Косово. Сепак, од Македонија имаше организирани патувања само за три автобуси преку две наши агенции, и тоа со 50 отсто од вкупниот капацитет на возилата, според здравствените препораки.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Како што можевме да видиме и да слушнеме од дел од македонските државјани во Врање, „Лидл“ не е главна причина за посета на овој град, а иако имаше и такви што стасале со сопствен превоз. Сепак, Македонците наведоа други причини за посета на Врање – прошетка, излез од секојдневието, вкусната храна, убавите кафеани…

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Трет пат сум во Врање. Сега се отвори и „Лидл“, има и попусти, па дојдовме да видиме како е овде. Јас уживам овде. Дојдов со организиран превоз од Македонија, со автобус – вели наша сограѓанка.

Друг Македонец го донел семејството на ручек за да го прослави роденденот. Кафеаните повторно се атракција за нашите државјани, а тамошните угостители велат оти Македонците ја обожаваат српската кујна.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Шопинг, прошетка, вкусни јадења, но и убави жени, е меракот на Македонците постојано да му се враќаат на Врање, каде „нема лагање“, вели девојката на наплатната рампа, која ни посака среќен пат на враќањето кон дома.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот